Охриѓанецот Иван Крижиќ, докторанд по историја на Универзитетот на Приморска, неодамна во Словенија ја објави својата прва научна монографија „Готи: стабилизирачки фактор или фактор за пропаѓањето на Римската Империја“.
- Објавувањето на оваа книга во Словенија го доживувам како важна лична и академска пресвртница. Фактот што делото се појавува во една друга научна и културна средина, надвор од границите на Македонија, за мене претставува потврда дека темите од доцната антика, особено римско-готските односи, имаат интернационална релевантност. Истовремено, ова е и можност да се направи видлива македонската историска наука во една европска контекстуална рамка. Се разбира, носам и одговорност - не само кон себе како истражувач, туку и кон институциите и традицијата од кои потекнувам. Мојата цел отсекогаш била да придонесам со сериозна анализа и аргументиран пристап, а оваа публикација ја гледам како чекор во таа насока - ги сподели првите впечатоци за книгата нашиот историчар Иван Крижиќ.
Книгата напишана на словенечки јазик темелно ја истражува улогата на Готите во колапсот на Западното Римско Царство комбинирајќи ги историските истражување со длабинска анализа. Книгата е достапна преку издавачот „Kulturni center Maribor“ и внесена во COBISS системот во Словенија.
- Монографијата се фокусира на воено-политичките односи помеѓу Римската Империја и Готите во периодот од 3 до 5 век, со посебен акцент на foedus-договорите како облик на интеграција и контрола. Истражувањето се заснова на анализа на главно римските извори и само еден постоен „готски“ извор и начините на кои Рим се обидувал да се снајде во новите реалности во кои варварските групи, како Готите, стануваат составен дел од империјалниот систем - како сојузници, населеници, па дури и администратори. Целта е да се покаже дека foedus не бил само воено-дипломатски инструмент, туку и средство за создавање и регулирање на идентитетот на оние од другата страна на границата, лојалноста и правниот статус на неримските популации во рамките на империјата. Овој пристап овозможува ново читање на процесот на трансформација на Римската Империја - објаснува Крижиќ.
Основното и средно образование тој ги завршува во Охрид, додека додипломските студии по историја на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
- Интересот кон историјата се јави рано, уште во основното образование, но како свесен и сериозен избор се оформи во текот на средношколските години. Она што во голема мера влијаеше врз тој избор беше и средината во која растев — опкружен бев со интелектуална и уметничка атмосфера во семејството. Моето семејство е длабоко поврзано со културниот и научниот живот на Охрид, како во историскиот дел така и во сликарството. Тие влијанија, заедно со љубопитноста и потребата да ги разберам длабинските процеси што го обликуваат човечкото општество, ме насочија кон историјата не само како професија, туку како животна мисија - вели Иван.
Поради специфичноста на научната проблематика со која сака да се занимава – римско-готските односи, римското право и интеграцијата на варварските народи во доцноантичкиот Рим – своето постдипломско и докторско образование го продолжува во Словенија.
- Се определив за оваа тема затоа што претставува клучен момент на трансформација на Римската Империја, каде што правото, дипломатијата и римската надворешна политика кон сѐ неримско се испреплетуваат. Но, исто така, тоа беше и свесна одлука со оглед на состојбата во македонската историографија и археологија, каде што периодот на доцната антика е сериозно занемарен. Особено во Охрид, од каде што потекнувам, фокусот со децении е насочен речиси исклучиво кон верски објекти — цркви и ранохристијански базилики. Тој еднонасочен пристап ја ограничува комплексноста на локалната историја и затвора многу важни научни перспективи - вели тој.
Искуството на Крижиќ во македонскиот образовен систем било истовремено предизвик и инспирација. Како студент на историја на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, имал можност да се запознае со широк спектар на историографски методологии, но истовремено се соочувал и со одредени ограничувања во студиите.
- Иако постои значајна традиција на истражување на антиката, македонската историографија е главно фокусирана на националниот контекст, понекогаш занемарувајќи го поширокиот балкански, европски и светски контекст. Во таква средина, моето лично академско патување беше мотивирано од желбата да се фокусирам на обемни, меѓународни и споредбени истражувања, што подоцна доведе до изборот на мојата докторска тема, особено во сферата на римско-готските односи и нивното притаено вклучување во римското право - сподели Крижиќ.
Денес е докторанд по историја на Универзитетот на Приморска во Копер и истражувач при Институтот за културна историја на Словенечката академија на науки и уметности во Љубљана.
- Изборот на Словенија како место за моите докторски студии беше свесна одлука базирана на неколку клучни фактори. Прво, бидејќи и самиот доаѓам од мешано семејство, каде што мајка ми е Македонка, а татко ми е Словенец. Потоа, бидејќи Словенија има стабилна академска традиција и висококвалитетни универзитети, кои нудат одлични можности за истражување, како и слобода во истражувањето, особено во областа на историјата на доцната антика и Римската Империја. Еден од најреномирани професори во областа на доцната антика е токму проф. д-р Рајко Братож - открива Иван.
А воедно, Универзитетот во Приморска, каде што е вклучен, му нуди ресурси и меѓународни академски мрежи (поради самата географска позиција), што било важно за неговото истражување на римско-готските односи и римското право.
- Дополнително, Словенија како мала земја, која има силна поврзаност со историјата на Рим и варварските народи, создаде уникатна средина за истражување на оваа тематика. За мене, Словенија претставуваше можност да имам пристап до меѓународна научна заедница која е посветена на историјата на доцната антика. Па така, изборот беше и прагматичен, но и академски оправдан, со цел да ги обезбедам најдобрите услови за мојата истражувачка кариера - додава нашиот историчар.
Иван Крижиќ вели дека образовниот систем во Словенија се одликува со висок квалитет на образование и строг академски стандард, кој е тесно поврзан со европските академски трендови. Во областа на историјата, според него, Словенија нуди одлични услови за истражување и студирање, со фокус на меѓународна соработка, што го прави системот многу пристапен за студенти и истражувачи од целиот свет. Универзитетите во Словенија се вклучени во многубројни меѓународни проекти, што овозможува размена на знаење и ресурсите се на високо ниво.
- И во Македонија имаме академски институции со добра теоретска основа и ресурси, но, за разлика од Словенија, македонскиот образовен систем има помал акцент на меѓународната соработка и мобилност, што за мене беше значајна компонента при изборот на Словенија за моите постдипломски студии.
И покрај тоа што имаме слични академски поставености, овде се посветува многу внимание на критичката анализа на извори и контекстуализацијата на историографскиот наратив, што е и карактеристично за моето истражување на римско-готските односи, што во Македонија често е условено и сѐ уште наидува на отпор и скептицизам - вели Иван.
Универзитетите и истражувачките институти во Словенија се силно фокусирани на поттикнување на академската извонредност, нудејќи широк спектар на можности за млади истражувачи, смета Крижиќ.
- Има многу иницијативи кои нудат финансиска поддршка, истражувачки грантови и стипендии, кои се од клучно значење за развојот на кариерата на младите научници. Исто така, словенечките академски институции активно се вклучени во меѓународни научни проекти, што им овозможува на талентираните истражувачи да добијат признание на глобално ниво и да се вклучат во интердисциплинарни истражувања - коментира нашиот докторанд.
Враќање во Македонија засега не му е во план, но поголема научна слобода и вреднување на работата на историчарите би го инспирирале да се врати назад.
- Македонија има голем потенцијал за истражување, особено во историските дисциплини, со огромен простор за идни историчари да истражуваат, особено
надвор од периодот на 19 и 20 век, кој доминира во македонската историографија. Постојат многу неистражени теми, како што е моето поле на доцна антика, но и археолошките наоди од порани и подоцнежни периоди, кои чекаат да бидат истражени.
Засега враќање во Македонија не ми е во плановите, но тоа што би ме инспирирало да се вратам назад, веројатно, е поголема научна слобода, како и вреднување на работата што ја работат историчарите. Не секој знае да работи со извори и тоа бара време и тренинг, како и константно критичко размислување и споредување. Чувствувајќи се поврзан со Македонија преку моето семејство, културното наследство и историјата на мојот роден крај Охрид, како и можноста да ги споделам моите истражувања со заедницата и да направам разлика во развојот на локалната историографија е нешто што би ме мотивирало да се вратам и да придонесам за академската средина во Македонија - истакна Крижиќ.
Негова главна цел е успешно завршување на докторатот кој претставува продлабочување на тематика работена во неговата книга, со наслов „Romans, Law And Goths: Legal integration beyond military treaties (3rd-5th century)“. Ова истражување ќе ја разгледа интеграцијата на Готите во Римската Империја преку правни механизми и ќе обезбеди нови увиди во римско-готските односи, како и поголема и појасна слика за флексибилноста на надворешната римска политика, нејзиното влијание врз создавање етногенеза кај групи надвор од Империјата.
- Како среднорочен план, планирам да аплицирам за проект за постдокторски студии, кој можеби ќе биде во Словенија, но не е исклучено и на друго место. Сериозно размислувам и за Италија, која нуди одлични можности во мојата научна област. Каде точно би се стационирал, уште не сум одлучил - заклучи македонскиот историчар.
Фото: приватна архива