X
 16.07.2025 Живот

Загрижувачка демографска мапа на Европа која ја сподели и Илон Маск

Европа се соочува со сериозна демографска криза, а тоа го потврдува и најновата мапа на стапката на наталитет за 2024 година, објавена од веб-страницата „geo.universe“.

Мапата го прикажува просечниот број на деца што една жена ги раѓа во текот на својот репродуктивен период и јасно покажува дека речиси ниту една европска земја не ја достигнува таканаречената заменска стапка од 2,1 дете по жена, што е минимум потребен за одржување на популацијата без потреба од миграции.

Во реалноста, повеќето земји имаат многу пониска стапка на раѓање, што значи дека населението се намалува и старее.

Илон Маск ја сподели оваа мапа на социјалните мрежи со коментарот: „Или Европа ќе почне да има големи семејства или ќе продолжи да исчезнува“.

Најзагрозени се Малта, Украина и Бугарија, кои бележат стапка на наталитет под или точно на границата од 1,0. Исто така, и големите европски сили како Италија, Шпанија и Германија имаат загрижувачки ниски стапки. И покрај силната економија, овие држави очигледно не успеале да создадат општествена клима во која младите би се охрабриле за родителство.

Македонија има наталитет од 1,48, што е под потребното ниво за одржување на популацијата (околу 2,1 деца по жена).

Македонија се наоѓа во групата со ниска стапка на наталитет, иако има малку подобри бројки во споредба со дел од регионот, како Бугарија (1,0) и Унгарија (1,11), но е под Албанија (1,72), Косово (1,9) и Србија (1,61).

Од друга страна, како позитивни примери се наведуваат Франција, која има една од највисоките стапки во Западна Европа (1,63), Турција, Албанија и Косово, кои сѐ уште имаат релативно висок наталитет, иако и кај нив е забележлив тренд на опаѓање.

Балканот меѓу демографски нестабилните региони

Земјите од Западен Балкан, како Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, се наоѓаат во зона на демографска нестабилност, со стапка на наталитет под 1,5. Иако се работи за традиционални општества каде што семејството има висока вредност, младите парови сѐ поретко се одлучуваат за повеќе деца, најчесто поради економска несигурност, масовни миграции и недостиг на системска поддршка за родителите.

Општиот европски тренд укажува дека индивидуалистичкиот начин на живот, високите трошоци за домување и живот, недостапноста на градинки и флексибилна работа, како и неизвесната иднина, ги одвраќаат луѓето од родителството. Последиците се веќе видливи: стареење на населението, намалување на работната сила, зголемен притисок врз пензискиот и здравствениот систем и сѐ поголема потреба од имиграција.

Заклучокот е јасен. Европа мора итно да реагира и да развие сериозна и долгорочна демографска политика. Потребно е инвестирање во семејствата, родителите, образованието, заштитата на децата и економска стабилност за младите. Доколку проблемот продолжи да се турка на маргините на политичките приоритети, европските општества ќе се соочат со тивка, но немилосрдна криза на исчезнување.

Извор: 6yka.com
Фото: Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот