X
 16.10.2025 Живот

Сообраќаен знак со снегулка: Не е само предупредување во зима, еве што навистина значи

Сообраќајните знаци што прикажуваат снегулка не важат само во зима, возачите мора да ги почитуваат без оглед на временските услови.

Многу возачи погрешно ги толкуваат овие знаци мислејќи дека ограничувањето на брзината или другите предупредувања се однесуваат само на снег, мраз или лизгав пат. Но, тоа не е точно, а игнорирањето на овој знак може да има сериозни последици.

Иако симболот на снегулка укажува на зимски услови, сообраќајниот знак со овој симбол важи во текот на целата година, дури и кога времето е суво и температурите се високи.

Ограничувањето на брзината означено со знак на кој има снегулка мора да се почитува без оглед на состојбата на патот.

Снегулката не значи дека знакот важи само кога патот е лизгав - напротив, таа предупредува на делови од патот кои се особено опасни во зимски услови.

Целта е зголемена безбедност

Главната цел на овој знак е да ја зголеми безбедноста и да спречи сообраќајни несреќи на делови од патиштата каде што често има снег или мраз.

Судската практика го потврдува тоа: според пресудата на Вишиот покраински суд во Хам, Германија, од 2014 година, возачите што не го почитуваат ограничувањето на брзината означено со знак што има симбол на снегулка можат да бидат казнети дури и ако патот не е лизгав, пишува „Феникс“.

Затоа, кога ќе го видите овој знак, забавете и почитувајте го ограничувањето на брзината, без оглед на временските услови, за да придонесете за поголема безбедност во сообраќајот.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот