X
 16.11.2018 Живот

Писмо на белградски бездомник што пронашол паричник на една Словенка

Некои ќе го омаловажат во моментот кога ќе го видат покрај контејнер, но за мене тој е градски витез, пишува во својот статус Денис од Белград, чија роднина била ограбена на автобуската станица во српската престолнина. По макотрпна потрага, на нејзината адреса стасало писмо со сите документи испратено од Раша Јовановиќ, кој со години преживува собирајќи рециклирачки материјали по Белград.

Денис го објави писмото на својот профил. Прочитајте што напишал човекот кој го пронашол паричникот на Словенката.

„Почитувана мадам Хрен,

Некогаш зборував словенечки, но прилично го имам заборавено, па затоа ви пишувам на српски, но на латиница за полесно да прочитате, претпоставувам дека солидно говорите српско-хрватски, а судејќи по името Надица, можеби и потекнувате од источните краишта.

Јас сум Јовановиќ Раша, ваша генерација, 63 г., од околината на Белград и секое попладне собирам рециклирачки материјали во центарот на Белград: алуминиум, конзерви, лименки, фолии, ситни пластични шишиња и нивните тапи, тоа го продавам и од тоа се издржувам во последните три години откако ја изгубив работата во мојот град. Фирмата банкротира, а мене ми останаа уште две години до пензија и морам сето тоа да го совладам, знаете колку тешко се вработуваат ветерани во Србија.

Залудно ми е академското образование. Така одејќи низ улица во среда доцна навечер, од контејнер до контејнер, вадејќи конзерви и друго, директно преку патот наспроти главната железничка станица, на врвот најдов расфрлани документи, преку некои весници, сè уште неизвалкани, погледнав повнимателно и видов дека станува збор за лични документи на една госпоѓа која веројатно била ограбена од белградските џепчии и потоа биле фрлени. Внимателно собрав сè што можеше да се најде и отидов дома да ги погледнам, да пронајдам некаква адреса или телефонски број и, секако, да се обидам да ги дадам на сопственикот.

Сметам дека тоа е човечки и градски гест, особено кога видов дека станува збор за странски државјанин кому му значат документите и сите тие картички. И самиот пред четири години во локален автобус изгубив паричник со сите документи и знам колку е мачна таа ситуација. Првин мислев да ви испратам препорачано писмо на домашната адреса во Кочевје, но не сум сигурен колку долго останувате во Србија, па ми падна на памет дека најефикасно би било да пробам да ви го доставам преку словенечката амбасада во Белград, која полесно и побрзо ќе ве најде.



Особено сум сентиментален, драга Нада, кога станува збор за Словенија и особено за Кочевје бидејќи пред точно 40 години во Љубљана служев војска. Често офицерите нè водеа на вежби, маневри и логорување јужно од Љубљана, на некои места каде што на стража видовме и вистински мечки. За таа една година научив и словенечки, а бев воодушевен и од убавините на Словенија, па по завршувањето на рокот останав уште една недела за на мир да уживам од Блед, па до Марибор, затоа ми е уште помило што можам да бидам џентлмен кон една словенечка дама и истовремено ми е срам што некој мој сограѓанин (крадец) толку дрско ве ограбил.

Убеден сум дека брзо ќе ја добиете мојата пратка и порака следниот пат да внимавате на својот паричник. Ви посакувам блескави пензионерски денови. Би било убаво да ме информирате дали сте ја добиле поштата“.

Денис наведува дека сигурно меѓу луѓето што „живеат“ од рециклирачки материјали има уште некој Раша и дека луѓето пред да направат или да кажат нешто за да ги омаловажат материјално нестабилните луѓе, треба да се запрашаат дали гледаат во „стока“ или „пијаница“ или во витез без бел коњ, но витез со чесно срце.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот