Вкупните трошоци за организирање на изложбата во Белград, вклучувајќи ги инфраструктурата, Акватик центарот, резиденцијалниот комплекс од 1.500 стана, пругата „Земун-Никола Тесла-Експо 2027“ и новото пристаниште на реката Сава ќе изнесуваат 1,29 милијарди евра.
Генералниот секретар на Меѓународното биро за изложби (BIE), Димитри Керкенцес, истакнал дека секоја изложба е планирана и буџетирана во согласност со нејзините цели и околности, што го отежнува правењето директни споредби помеѓу изложбите, без разлика дали во однос на буџетот, бројот на посетители, меѓународни учесници или економско влијание. Сепак, може да се извлечат вредни лекции од претходните искуства.
- Важно е да се нагласи дека ваквите инвестиции не се само поттикнати од меѓународната изложба, туку дополнително се забрзуваат со нејзиното присуство, привлекувајќи дополнителни инвестиции - изјавил Керкенцес.
Според генералниот секретар на БИЕ, Србија од самиот почеток на проектот нагласила дека „Експо“ служи како забрзувач на растот и меѓународната видливост, а усвоеното „Досие за признание“ детално опишува низа проекти кои го придружуваат „Експо“ и претставуваат составен дел од долгорочната стратегија за раст на Србија.
Досегашниот напредок и извештаите доставени до комисиите и до Генералното собрание на Меѓународното биро за изложби (БИЕ) покажуваат дека Србија сериозно ја сфаќа својата улога и е решена да ги исполни високите стандарди што ги очекуваат меѓународните учесници.
- Сè укажува дека подготовките ќе се одвиваат без проблеми, иако е природно да се очекува дека Србија ќе се соочи со некои предизвици при организирањето на првата меѓународна изложба во регионот на Западен Балкан - потенцирал Керкенцес.
Нагласил дека секое „Експо“ со себе носи низа можности и предизвици, но и дека е во заеднички интерес на Бирото и земјата домаќин да се постигне исклучителен и успешен настан.
- Бирото за меѓународни изложби е подготвено да го сподели своето техничко знаење и искуство со Србија во наредните месеци и години. Изборот на Србија за домаќин на „Специјализираната изложба Експо 2027“ и одобрувањето на нејзиното Досие за признание ја потврдуваат довербата на земјите членки на БИЕ во нејзината способност да организира голем глобален настан - заклучил тој.
Извор: euronews.rs
Фото: YouTube screenshot