X
 16.12.2022 Живот

Што е подобро да имате во зима - стари квалитетни или нови евтини гуми?

Обврската за користење зимска опрема веќе е во сила, а во наредните денови или недели би можеле да се соочиме со реални зимски услови на патиштата.

Вистинско време е да разбиеме еден мит и да видиме која е подобра опција за возење во такви услови - да имаме доста истрошени, но првично поскапи гуми на автомобилот или да купиме нови гуми од некоја евтина марка?

Токму тоа го тестирал експертот Џонатан Бенсон, кој го води специјализираниот јутјуб-канал „Рецензии за гуми“ (англ. Тire Reviews). Тој тестирал комплет релативно скапи гуми „мишелин кросклајмет 2“ за сите сезони и намерно ги истрошил до длабочина на шарата од само 2,2 милиметри (што е еднакво на возење околу 65.000 км). Од друга страна, тој тестирал и сосема нов комплет гуми „томкет олиар“ за сите сезони, со значително пониска цена и просечни перформанси на снег.

Тестот го извршил во целосно снежни услови, на влажна и на сува патека. Во продолжение ви го претставуваме неговото видео, а за десет минути можете да дознаете многу за изведбата на едната и на другата варијанта.

Заклучоците на Бенсон се следни: користената гума „мишелин“ се покажала подобра во сите услови, постигнувајќи подобро време од новата гума „томкет“. Разликата била највидлива на снег и на сува патека, додека на влажна патека „томкет“ била подобра гума во однос на временските услови, иако полоша кога станува збор за стабилноста на возилото.

Затоа, Бенсон не препорачува да купувате користени гуми бидејќи тие брзо се трошат до дозволената граница на длабочина на шарите. Сепак, овој тест покажа дека инвестирањето во поквалитетни гуми е исплатливо на подолг период на употреба бидејќи тие ги задржуваат своите карактеристики и овозможуваат безбедно возење.



Извор: Autonet.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот