Неодамна во списанието
ACS Nano, научници успеаја да идентификуваат специфичен отпечаток на здивот за секоја од болестите што инаку можат да се дијагностицираат врз основа на човековиот здив. Користејќи го тоа откритие, научниците дизајнирале уред што зема примероци од здивот и дијагностицира повеќе типови болести, доколку го препознае нивниот единствен отпечаток во здивот на пациентот.
Што сè содржи човековиот здив? Во здивот на човекот има азот, јаглерод диоксид и кислород, но има и мали количини на повеќе од стотина други нестабилни хемиски компоненти. Релативната количина на тие супстанции во човековиот здив зависи од моменталната состојба на неговото здравје.
Уште во Стара Грција, Хипократ на своите студенти им велел да го мирисаат здивот на нивните пациенти, за да ги откријат знаците на болеста, како на пример, шеќерната болест што создава сладникав мирис на здивот.
Во модерното време, повеќе научни тимови развиле уреди за анализа на здивот, но повеќето од нив се наменети за откривање само на еден тип болест, како на пример ракот.
Хосам Хаик и неговиот научен тим од 14 клинички оддели од целиот свет сакаат да направат „
здивомер“ што ќе може да открива повеќе типови болести. Затоа направиле мрежа од наносензори за откривање поединечни супстанции во илјадници примероци од здивот на здрави и заболени испитаници. Нивниот „здивомер“ може да открие меѓу 17 различни типови болести, вклучувајќи рак на бубрезите или Паркинсонова болест.
Резултатите од „здивомерот“ се анализираат со техника на вештачката интелигенција, па потоа се поставува дијагноза. За идентификување на поединечните компоненти на здивот, Хаик и неговиот тим користеле т.н. масовна спектрометрија.
Откриле дека секоја болест произведува единствен и нестабилен хемиски отпечаток на здивот, што се базира на различното учество на 13 супстанции. Нивното истражување покажало дека присуството на една болест кај пациентот нема да го спречи „здивомерот“ во откривањето други болести кај пациентот.
Станува збор за уред што е пренослив, евтин и што е најважно – неинвазивен за пациентите.