Поделба, сепаратизам, анти-владини протести, провокација на етничка основа... Западниот Балкан не се смирува, а потенцијајот за конфликт е исклучително висок.
Фото извор: Profimedia
Токму на ова предупредува во интервјуто за „Дојче Веле“ политикологот Силивија Штајнингер.
На овогодишниот барометар на конфликтот, кој го објавува Институтот за истражување на меѓународните конфликти од Хајделберк, се споменуваат и конфликтите на Балканот.
„Во моментот, на Балканот гледаме 18 конфликти. Повеќето од нив не се насилни. Само кај два конфликти минатата година утврдивме дека станува збор за насилни процеси. Тоа од една страна е конфликтот помеѓу опозицијата и владата во Македонија кој го следиме уште од 2014 година и од друга страна, конфликтот помеѓу опозицијата и владата во Косово, кој започна минатата година. Овие два конфликти сепак се само на ниво на „насилни кризни конфликти“ и тоа, според нашата методологија, е најнискиот степен на некој конфликт во кој се користи насилство. На Балканот инаку, забележуваме три групи на конфликти. Првата група ги опфаќа оние кои имаат силна етничка позадина. Тие пред сè се остатоци од балканските војни и затоа во земјите од поранешна Југославија се толку често застапени. Втората група се таканаречените класични конфликти, помеѓу опозициите и владите. Нив ги ставаме на ненасилно ниво во Романија и Бугарија, и како што веќе споменав, на насилно ниво на Косов и Македонија. Третата група на конфликти се оние кои се однесуваат на милитантните групи. Тука да кажеме се конфликтите помеѓу ксенофобичните, десното крило, па сè до екстремно десничарските групи и малцинства во Унгарија или конфликти поврзани со исламистичките групи во Босна и Херцеговина“, наведува таа.
„Откривме дека изминативе неколку години ескалира дискурсот околу можното отцепување на Република Србија. Во исто време, ни заканата врз државниот суверенитет од страна на исламистичките групи во БиХ не треба да се потценат. Така, од 2012 година, повеќе од 200 државјани на оваа земја се приклучиле на вооружениот конфликт на исламистичките групи на Блискиот Исток, од каде се вратиле само 50. Комбинацијата на тие два конфликти, за една толку кревка земја како што е БиХ, е голем тест на издржливост“, вели Штајнингер.
Изминатата година беше обележана со демонстрации во Македонија. Граѓаните протестираа во таканаречената „шарена револуција“ против владата и корупцијата. Последниве неколку дена се протестира против воведување на албанскиот јазик како втор официјален јазик во оваа земја.
„Конфликтот со опозицијата во Македонија во изминатаа година беше една од најтешките кризи кои ги следевме на Балканот. Во последните три години не можевме да забележиме смирување на ситуацијата. Во Македонија утврдивме насилно ниво, а не изгледа дека оваа година тензиите ќе се смират. Затоа, нашата прогноза е повеќе негативна. Медијациите кои ги водеа бројни организации, како на пример Европската унија, не доведоа до долгорочно решение на конфликтот. Ситуацијата е доста напната особено после изборите во декември. Во тој контекст со голема загриженост ги следиме и протестите околу албанскиот јазик како втор официјален јазик“, истакнува таа.
На прашањето како ја проценува моменталната ситуација во Косово, таа вели дека оваа земја во моментов се соочува со огромни тешкотии.
„Скоро десет години после прогласувањето на независност, односите меѓу Србија и Косово се значително подобри, но и понатаму постојат тензии. Кон средината на јануари, бевме сведоци кога Србија го испрати првиот патнички воз после 18 години, од Белград до Митровица. Возот беше во српски национални бои со натпис: „Косово е Србија“. После големите протести, премиерот на Србија, Вучиќ го запре возот на станица. Ваквите постапки не водат кон смирување на конфликтот помеѓу Косово и Србија. Освен тоа, во Косов и понатаму останува линијата на конфликт помеѓу опозициските албански националисти и владејачката партија, предводена од претседателот Хашим Тачи. Со оглед на тоа што Косово во 2015 година склучи билатерален договор со Србија и Црна Гора, албанските националисти сè повеќе се обидуваат да го спречат спроведувањето на договорот, така што користеа солзавец во парламентот или преку насилни нереди во главниот град Приштина. Така, Косово, и понатаму останува поделено“, вели таа.
На прашањето дали Балканот останува „буре барут“, таа вели:
„Во овој географски гледано, мал регион, постојат голем број долготрајни и токсични конфликти. особено е забележливо дека бројот на етнички конфликти кои ги следиме со години и децении, на Балканот не се намалени. Според нашето мислење, потенцијалот за конфликтите на Балканот останува висок“.
Според нејзините зборови, ЕУ игра голема улога во целиот регион на Западниот Балкан.
„За земјите од поранешна Југославија, ЕУ е можна опција за иднина, а исто така често и цел за понатамошна трансформација во правец на демократијата. Ние исто така гледаме дека приемот на Хрватска во ЕУ за многу држави тука има доста голем симболичен ефект. Земјите членки на ЕУ исто така се активни во Косово, за одржување на мирот во северниот дел на Земјата. Европската унија исто така и во целиот државен апарат на БиХ игра многу важна улога. Ние сме во процес на пристап на Србија и Црна Гора, па гледаме поттик во овие земји за конфликтите да се решат мирно. И во Македонија ЕУ игра голема улога, бидејќи минатата година ЕУ се јави како преговарач помеѓу двете страни. Секако, не се чини дека овие напори во Македонија во овој момент имаат некакво влијание“, завршува таа.