X
 04.08.2017 Живот

Победникот на фудбалскиот Суперкуп нема да прославува во Скопје

Деновите пред одржувањето на значајниот фудбалски натпревар голем број улици ќе бидат затворени за сообраќај, а ќе биде ограничено и движењето низ градскиот парк.



Многу затворени улици за сообраќај, полициска опсада низ целиот град, ограничено движење низ градскиот парк, но и многу распеани фудбалски фанови од целиот свет низ скопските улици и угостителски локали. Ваква ќе биде атмосферата во главниот град во следните неколку денови, почнувајќи од недела, кога се очекува во Скопје помасовно да пристигнуваат странски гости кои ќе го следат фудбалскиот натпревар од УЕФА Суперкупот меѓу екипите на Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид што ќе се одигра во вторник.

Сепак, малкумина ќе имаат замерки на отежнатото движење низ градот со оглед на тоа дека Скопје ќе биде домаќин на еден од најзначајните и најголемите фудбалски настани во светот. На Градскиот стадион, односно на „Телеком арената“ ќе истрчаат едни од најплатените фудбалери на денешницата: Кристијано Роналдо, Серхио Рамос, Давид де Геа, Пол Погба, Лука Модриќ, Карим Бензема, Герет Бејл, како и најзвучните тренерси имиња Жозе Мурињо и Зинедин Зидан. Двата тима заедно вредат околу 1,27 милијарди евра.

Двата фудбалски тимови ќе пристигнат на аеродромот „Александар Велики“ в понеделник попладне. Според информациите објавени на интернет страницата на скопскиот аеродром, први ќе пристигнат фудбалерите на Манчестер Јунајтед со лет од Манчестер со авиокомпанијата „Титан ервејс“ во 12:55 часот. Четириесет минути после нив, односно во 13:35 часот треба да слета и авионот од Мадрид на авиокомпанијата „Ибериа ерлајнс“. Двата тима ќе бидат спроведени до хотелите во кои ќе престојуваат со силно полициско обезбедување, кое ќе биде покрај нив 24 часа додека се во Скопје. Според досегашните информации кои излегоа во јавноста, тимот на Манчестер Јунајтед ќе престојува во хотелот „ТЦЦ Плаза“, а фудбалерите на Реал Мадрид во „Александар Палас“.

Во попладневните часови по пристигнувањето, двата фудбалски тима ќе одржат одвоени прес-конференции и по еден тренинг. Први на „Телеком арената“ ќе тренираат фудбалерите на Манчестер Јунајтед од 17.30 часот, а фудбалерите на Реал Мадрид ќе одржат тренинг од 19.30 часот.

Судејќи според информациите објавени на интернет страницата на скопскиот аеродром, победникот на Суперкупот ќе нема време да ја прослави титулата во Скопје, бидејќи и двата тима ќе си заминат веднаш по натпреварот. Летот за Мадрид е закажан 15 минути по полноќ, додека за Манчестер ќе полетаа два авиона - едниот 30 минути по полноќ, а другиот во 1 часот наутро.

МВР се уште не излегло со информација за режимот на движење во деновите на одржување на Суперкупот. Се очекува таа информација да биде објавена деновиве, откако стручна работна група која е формирана за оваа намена ќе ги прецизира сите безбедносните детали. Она што веќе се знае е дека за целиот настан се ангажирани околу 2.000 полицајци, кои ќе се грижат за безбедноста на тимовите, навивачите и посетителите. Два дена пред натпреварот антитерористичките единици на МВР ќе го проверуваат целиот појас околу стадионот, поради што тие делови ќе бидат забранети за движење за цивили. Таму ќе можат да се движат само лица кои што имаат посебни пропусници од УЕФА. На денот на одржувањето на натпреварот, односно во вторник, во поширокиот појас околу стадионот ќе може да стигнат само навивачите кои имаат обезбедено билети. За нив ќе бидат отворени девет влезови кон „Телеком арената“ на кои ќе има строги проверки на билетите.

- Планирајте на натпревар да дојдете најмалку 1,5 час порано со цел побрзо и поедноставно да дојдете до вашето седиште. По можност избегнувајте транспорт со автомобил, или пак истиот паркирајте го на поголема оддалеченост од „Телеком арената“ - советуваат од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Навивачите на двата тима ќе бидат поделени во посебни фан зони. Таа на Манчестер Јанајтед ќе биде лоцирана кај споменикот на Мајка Тереза, додека навивачите на Реал ќе се собираат на плоштадот „Филип Втори“. На плоштадот Македонија, пак, в понеделник и во вторник ќе бидат изложени највредните фудбалски пехари - од Лигата на шампионите, Европската лига и Суперкупот, со кои македонските љубители на фудбалот ќе може да се фотографираат.

Кристијано Роналдо по вторпат во Скопје

За најголемата фудбалска ѕвезда Кристијано Роналдо, натпреварот во вторник ќе биде втор одигран во Скопје. Роналдо пред 14 години со младинската репрезентација на Португалија играше официјален квалификациски натпревар против врсниците од Македонија на стадионот во Чаир. Денешната фудбалска мегаѕвезда тогаш беше млад и надежен фудбалер непознат за пошироката јавност.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот