X
 20.09.2017 Живот

Нападите со киселина се шират низ Европа

Четири американски студентки се жртви на морничавиот напад со киселина во Марсеј. Пуштени се од болница и се очекува целосно да заздрават, според информациите што ги споделила едната од нив на социјалната мрежа „Фејсбук“.

фото извор: News18.com

Иако две од Американките се погодени в лице со средство за чистење кое содржи хлороводородна киселина, а другите две во нозете, најтешка повреда има едната од нив што се здобила со оштетување на видот за 50% на едното око. Три од девојките се студентки на колеџот „Бостон“, а во моментов се на студиска програма во Париз, додека, пак, четвртата е студентка на бизнис-школата „Копенхаген“. Нападнати биле додека чекале воз за Париз на железничката станица „Сент Чарлс“.

Идентитетот на личноста што ги нападнала не е познат, но близок извор истакнал дека девојката пати од длабоки психолошки проблеми, има полициско досие поради кражба, а наводно и сама била жртва на напад со киселина. Во моментов се наоѓа во притвор во Марсеј, а полицијата соопштила дека нападот не е поврзан со тероризам и Американките не се цел поради својата националност.

Во Лондон лани имало 430 напади со киселина, а оваа година над 500.

Иако не се работи за тероризам, овој напад со киселина не е изолиран инцидент. Последните години овие напади се алармантен тренд во повеќе европски земји, првенствено во Велика Британија. Во јули, двајца малолетници на возраст од 15 и 16 години тргнале во брутален поход по улиците во Лондон на мопед и за помалку од еден час им фрлиле киселина в лице на петмина други возачи на мопеди, избирајќи ги жртвите наизменично, со цел да им ги украдат нивните возила.

Во јули, исто така, 19-годишниот Мустафа Ахмед фрлил киселина врз бремена жена и нејзиниот партнер додека шетале на улица во Лондон. Во април, во источен Лондон, непознат напаѓач на ист начин повредил најмалку 12 луѓе во ноќен клуб. И во Франција ова не било прв напад од ваков тип. Во Париз минатиот месец е уапсен 14-годишник откако фрлил три шишиња со киселина на терасата од едно кафуле. За среќа, никој не бил повреден.

Нападите со киселина се сè почести и во Италија, а напаѓачите се најчесто огорчени поранешни партнери кои сакаат да им наштетат на своите девојки. Една од нив е поранешната мис на Италија, 28-годишната Џесика Нотаро, која ја нападнал поранешното момче кое, пак, го одрекува нападот.

Низа вакви инциденти се забележани и во Германија, а пред неколку години и во САД. Нападите со киселина се голем проблем и во Јужна Азија, каде што стануваат сè почести со текот на годините.

Агресорот често го избира лицето на жената бидејќи тоа ја претставува нејзината убавина и идентитет.

Киселината го отстранува обликот на нејзиното лице. Фактот дека тинејџерите биле способни со леснотија и веројатно легално, бидејќи киселината ја има во голем број средства за чистење, да набават ваква супстанција е особено вознемирувачки. Затоа во Велика Британија сè почести се повиците кон Парламентот да се забрани продажбата на киселината без лиценца. Петиција со такво барање во име на Решам Кан, девојка која заедно со нејзиниот роднина Хамил Муктар беше нападната од Џош Томлин, собра повеќе од половина милион потписи.

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот