X
 12.10.2017

Хигиената го загрозува имунитетот - оставете го детето да се извалка

Неодамна спроведени американски истражувања покажале дека изложеноста на микроби и бактерии е добра за јакнење на имунолошкиот систем кај децата. Исто така, во истражувањата стои дека родителите денес премногу ги држат децата изолирани.


Научниците со години ги изучувале микробите и бактериите што кај децата предизвикуваат болести и откриле дека изложеноста на бактерии е добра превенција при инфекции во детството и подоцна во текот на животот. Всушност, изолираноста е онаа што може да им наштети на децата. Како што тврдат експертите, постои директна поврзаност помеѓу недостигот на отпорност на микроби и зголемувањето на ризикот од добивање хронични болести, како што се астмата, алергиите, дебелеењето, дијабетесот, па дури и ризикот за здрав развој на мозокот.

Истражувачите наведуваат дека ги разбираат родителите што се плашат да ги пуштат децата да се извалкаат и да дојдат во допир со различни бактерии, но сепак тоа е дел од растењето, па затоа на родителите им се препорачува да му дозволат на детето да се извалка и на тој начин да го зајакне имунолошкиот систем.

Експертите сметаат дека треба да им се дозволи на децата да допрат кал, растенија и инсекти, па дури и не треба да се создаде паника ако детето се обиде да стави земја в уста. Откако ќе го почувствува лошиот вкус, нема повеќе да го прави тоа. Исто така, не треба децата да се тргаат од животните. Доколку, на пример, некое куче постојано се води на ветеринар, нема зошто да се плашите. Истражувањата покажале дека на овој начин се намалува ризикот од астма и алергија кај децата, а и учат да ги засакаат животните.

Се советува да се избегнуваат антибактериски сапуни и да не се мијат рацете веднаш на детето откако ќе влезе во домот, туку да се остави така додека трае времето за игра. Експертите советуваат на децата да им се даде ферментирана храна, како што е јогуртот, кефирот, туршијата, бидејќи овие намирници ги чуваат добрите бактерии во организмот на детето. Храната богата со влакна и зеленчукот се совршени за уништување на микробите во дебелото црево.

Избегнувањето на антибиотиците е исто така препорачливо бидејќи тие ги убиваат и лошите и добрите бактерии. Прекумерната употреба може да доведе до појава на астма, алергија, дебелеење, дијабетес и други болести. Ова, исто така, може да создаде отпорност кон лошите бактерии на антибиотикот и негативно да влијае врз имунолошкиот систем.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk