X
 12.08.2016 Образование

Како психички да го подготвите вашето дете за во школо?

Со децата треба реално да се разговара за сите промени кои што ги очекуваат, како за пријатните, така и за обврските, советува психологот Марија Котевска-Димовска.  


Тргнувањето во училиште е голем настан за секое дете, но и за секој родител. Да се има прваче дома е настан што предизвикува радост и возбуда, но истовремено е и стресно искуство како за родителите, такаи за самите деца. Дали моето дете е подготвено за во училиште, како ќе се снајде со задолжителните обврски, колку време ќе му треба да се навикне, се само дел од прашањата што ги мачат родителите.

За да може полесно да го пребродат првичниот шок од тргнувањето во училиште и полесно да се навикнат на новата ситуација, на децата им е потребна голема помош од родителите. Нив, пак, им треба претходна подготовка за да успеат да го намалат притисокот кај децата и да не им предизвикаат дополнителен страв и нервоза. Од стручни лица побаравме одговор како треба да се постават родителите при тргнувањето на нивното дете во школо. Дали воопшто има потреба на некој посебен начин да ги подготват за идните обврски или да не придаваат големо значење на тоа за да не им создадат поголем притисок на децата?
Психологот Марија Котевска-Димовска објаснува дека подготовката на децата за тргнувањето во училиште не почнуваат само во последната година пред првиот училишен ден, туку многу порано.

- Воспитувањето до поаѓање во школо е исто така  дел од подготовката. Тоа помага да се постигне одредена физичка, когнитивна и социјално-емоционална зрелост која се развива и  стекнува  низ  годините наназад и во кој родителите имаат голема улога. Тоа е основа за успешно остварување на задачите на наставната програма, но и пошироко, за  формирање на  детскиот став кон училиштето, книгата, учењето и однесувањето во целина – вели Котевска-Димовска.

Непосредно пред големиот ден, родителите треба да ги подготват децата за свечениот чин. Според Котевска-Димовска, најдобро е тоа да му го објаснат на детето со со смирен и топол пристап, без да почувствува притисок. 

- Од исклучителна важност е родителите  да бидат свесни за тоа како нивните  првачињата се чувствуваат. Треба да ја сфатат возбудливата и збунувачка состојба што се случува во нивните главчиња, од една страна чувството на  достоинство и радост што станува ученик, бидејќи тоа е доказ дека не е повеќе малечко дете, а од друга неизвесноста и грижата од непознатото. Овој ранлив период треба да биде проследен со љубов, топлина и разбирање од страна на родителите, бидејќи тоа кај детето ја задоволува потребата за  сигурност, што е одлучувачки фактор за тоа како ќе се прифати учителот, врсниците и  обврските – објаснува таа.
Според неа, постојат родители кои се презаштитнички настроени и се обидуваат на децата да им го „олеснат“ поаѓањето во училиште така што понекогаш претеруваат  во уверување дека ќе  биде забавно и интересно. Со тоа ризикуваат детето да ја изгуби довербата во нив кога ќе се соочи и со не толку забавните секојдневни обврски. Затоа, советува Котевска-Димовска, со децата треба реално да се разговара за сите промени кои што ги очекуваат, како за пријатните, така и за обврските. 

Генерален совет за сите родители е да разговараат многу со своите деца, бидејќи добрата комуникација е предуслов за доверба. Покрај разговорот, психолозите советуваат родителите да поминуваат што е можно повеќе време со децата, да им читаат книги, да спортуваат. Во сите тие активности да ги вметнат и разговорите за училиштето, да им објаснат што ги очекува таму, но никако да не ги плашат со него. Многу често има ефект кога училиштето ќе се спореди со градинката и ќе се истакнат разликите меѓу двете институции. 

Во периодот пред тгнување во училиште добро е на детето да му се опреми работна соба или катче во домот, заедно да се купуваат работите неопходни за во школо, при што добро е родителите да уважат некоја желба на детето.

- Сепак, најважното нешто што може да му го дадете на вашето дете во овој период е безусловната родителска љубов, која не зависи од училишниот успех. Ако му покажете на своето дете дека првенствено сте заинтересирани за неговите чувства, доживувања и среќа и ако правилно сте го подготвиле, тоа ќе се чувствува сакано, самоуверено и задоволно, а вие ќе бидете родител на среќно и задоволно прваче – вели Котевска-Димовска.

Неколку трикови за родителите на првачиња

-  Кога првиот училишен ден се приближува, обидете се да земете неколку слободни денови од работа и да му ги посветите на детето, со што многу ќе му помогнете.
- Дури и најхрабрите првачиња ќе се најдат во еден нов и непознат свет во првите училишни денови и ќе им биде потребна вашата љубов и поддршка. Тие денови посветени на вашето прваче исполнете ги со  веселост и оптимизам.
- Обидете се да бидете што поспокојни и посмирени,  како вашиот немир или нервоза не би влијаеле врз детето.
- Придружувајте го  вашето дете со прошетки до  училиштето, покажете му ги игралиштата, а по можност и училницата, за постепено да се запознае со нив.
- На првиот училишен ден чекајте го своето дете и  бидете во близина бидејќи некои веројатно ќе се вознемират или пак ќе пуштат неколку солзи.
- По завршувањето на првиот ден одведете го  вашето дете на  прошетка, сладолед или на ручек надвор од дома, подарете му некоја ситница и направете му го тој ден уште  повеќе посебен.
 
Подготвил: Д.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование