X
 28.10.2017 Колумни

КОЛУМНА: Џиш #5 - Младина без бог


Фото: Марија Грубор

Денес на вести имаше грозоморна слика.
Од дете.

Убавиот спикер, скоцкан како коцка лед – или масно парче чоколадо – прозборе нешто во врска со несреќен случај. Таму некаде. Кај некои луѓе. Во некоја земја. Не се сеќавам веќе, иако се случи денес. Едноставно: вестите се преполни со некролози. За што попрво да се грижам денес – политиката, гладот во Сирија или жртвите на сообраќајни несреќи на некој нехумано асфалтиран пат?

Како и да е.
Денес на вести имаше една, баш онака иста ко илјадници слични од целиов свет, грозоморна слика. Од дете.

Дланката му беше слепена со една гранка.

Гранката доаѓаше од речна врба.

Телото, мислам, му беше малку позеленето.

Имаше еден рибар таму некаде. Ако добро се сеќавам – тој го имаше уловено, онака на не сакајќи.

Имаше дете. Две недели било исчезнато.

Изгледа рибар го улови – веќе не се сеќавам.

Ама мислам оти спикерот, оној еден убав и со нежен утрински глас, го знаете сите – мислам оти спикерот спомна нешто околу дрога.

Дрогирање. Наркоманија?

Она бе – она, како да кажам... отпадокот од општеството, знаете?

Комшиите од соседниот двор се потресоа. Ги почувствував нивните морници како да ја полазија мојава кожа. Понекогаш имам такви... несреќни моќи, да речеме.

И ви велам – едно дете, едно обично, најобично, неважно дете.

Комшиката од карши патот тогаш вресна – жими сè, вресна – оти наркоманите секогаш го заслужуваат она што неизбежно ги снаоѓа.

Сопругот нејзин, сè ми се чини, оти промрморе нешто околу карма, или Божји гнев... можеби беше и околу општата некорисност на граѓаните кои се товар на државата. Товар на вредниот и машки испотен и чесен граѓанин.

Знаете, тоа е навистина незгодно. Ем на луѓе не личат, ем буџет ти цицаат, ем внучињата ти ги плашат низ темните сокаци. Навистина е непријатно и недолично. А што би рекла една докторка која случајно ја запознав додека пиеше кафе уз два дијазепами – тоа све се неадаптирани, нефункционални лоши семки. А од лоши семки не се бегало. Така ми кажуваа постарите, не дека јас нешто паметна. Секаде морало да се трефне лоша семка. А кога тоа ќе се случи, има само едно чаре: откопајте ги од нивната родна почва и фрлете ги в зандана, каде што ќе скапат одвоени од сите други убави суштества.

Демоните мораат да бидат чувани во посебен кафез од ангелите.

А сите што немаат кафез... подобро е навреме да си набават.

Искушенијата се пребројни, а еден добар и чесен граѓанин мора да води сметка за својата черга, своите нозе, семејниот буџет, и се разбира кредитот за новиот iPhone на својата 13-годишна ќерка. Овај де, стока. Овај де... како се викаше... нешто околу мираз?

Нејсе. За што зборев?

А да.

Денес најдоа дете.

Слепено на една речна врба.

Видов рибарски чизми на екранот.

Мислам оти беа модра боја.

Како и неговите слепоочници, впрочем.

Некој рече дека од дома го испуштиле од рака.

Некој рече дека самиот е крив.

Некој рече дека врбата никнала на погрешно место.

Некој мислеше оти Здравството е виновно.

Некој, пак, ја обвини неговата наставничка по математика од основно, ја обвини дека пречесто му дозволувала да фантазира налактен на прозорецот од задушливото сопче.

Некој рече оти магарето лета.

Некој осми, пак, рече дека тој толку многу се задушил, сиот преинтелигентен и прекреативен за оваа јалова почва, што успеал сите свои стравови и сите свои црни дупки да ги замолкне, да ги потисне, да ги оплоди, да ги смири, да ги излиже, да ги запознае, да ги љуби...
... со помош на некои лоши нешта кои се нарекувале психотропни супстанции.


Водата нешто носи.

Водата однесе дете.

Едно ко ниедно.

Едно ко сите.

Едно ко моето.

*

Годината беше 2009-та.

Детето беше мојот другар.

*

Другарче, почивај во мир

И не грижи се за нивниот отров.

Едноставно, немаат каде да го истурат – па ти го излија во срцето.

Иако не беше празно. Кој да знае?

Јас бдеам, иако сум само уште едно дете,

над тебе

и сите тебе слични.

*
P.S. Конечно го изгледав The Fountain и право да ти кажам, ништо не ми беше јасно.

P.S.2

Те сакам!

*

Посветено на: Љ., ХОПС, Мајка Португалија, бабичката од карши, L. T. Staley, H.S.Thompson & Р. Реган.
#supportdontpunish

Автор: Марија Грубор

Марија Грубор е дипломиран психолог, поетеса, прозаистка, колумнистка и фотографка. Дипломирала на Институтот за психологија во Скопје, а потоа се запишува на постдипломски студии на Институтот за општествени и хуманистички науки со намера да ги продлабочува знаењата и искуствата од критичките теории. Има објавувано песни, есеи, написи и колумни во повеќе печатени и дигитални списанија, блогови и портали, а учествувала на две фотографски изложби во Скопје и една во Белград.
Подготвил: Марија Грубор

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни