X
 29.10.2017 Технологија

Петер Сунде: Марк Зукерберг е најголемиот диктатор на денешницата

Основачот на „Пајрат беј“, Петер Сунде, без влакна на јазикот ја критикува денешницата на интернетот. Тој смета дека сè што можело да тргне наопаку, тргнало. „Веќе не е прашање што ќе се случи во иднина, бидејќи оваа војна веќе ја изгубивме. Сега сè се сведува на контрола на штетата“, истакнал Петер.

фото извор: Getty Images

„Самите одлучивме да ги централизираме своите податоци и да ги испратиме во рацете на Марк Зукерберг, кој практично е најголемиот диктатор на денешницата, бидејќи тој не е избран да го одредува патот по кој сите одиме, но всушност тоа го прави. Интернетот е смислен како децентрализиран простор, без целосна контрола, но сите ние ја централизиравме таа приказна. Ние повеќе не креираме опипливи услуги и производи, туку сè прерасна во виртуелен свет кој е централизиран и под контрола на најголемите“, вели Петер.

Кога се споменуваат најголемите, тој мисли на „големата петорка“: „Гугл“, „Епл“, „Мајкрософт“, „Амазон“ и „Фејсбук“. Петорката која во текот на последните децении купила сè што вреди во светот на технологијата и интернетот и практично ги презела потенцијално самостојните стартапи.

Сунде го поставува прашањето: Кој ја има контролата над информациите за тоа каде одат автономните возила, каде смеат, а каде не смеат да одат. Тој смета дека шансата за отворен интернет без контрола од „најголемите“ одамна е изгубена.

„Доцна е да се верува дека нешто може да се промени. Единствена шанса е на големите компании, кои контролираат сè, ЕУ и САД да им ја ограничат моќта. За жал, ни ЕУ ни САД немаат никаква намера тоа да го направат, а вие сами заклучите зошто. Приказната потсетува на зависност од цигари: знаеме дека е штетно, но секако не можеме да престанеме со пушење“, заклучил Петер Сунде.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија