X
 12.02.2020 Технологија

Откритие може да го забрза испраќањето податоци за 1.000 пати

Ново достигнување може да го направи префрлувањето на податоците илјада пати побрзо од денешните интернет-кабли.
Ново истражување за испраќање податоци користејќи квантни ласери покажува дека технологијата може да биде уште поефикасна и побрза отколку што можеме да замислиме. Терахерцните квантно-каскадни ласери што биле предмет на истражувањето може да се користат за забрзување на комуникациите низ целиот свет, велат истражувачите кои работеле на студијата објавена во списанието „Нејчр комјуникејшнс“.

Научниците велат дека со ласерите може да се испраќаат податоци со брзина од 100 гигабити. Моментално интернет-конекциите работат со брзина од 100 мегабити во секунда, односно илјада пати побавно. Овој вид ласери се разликуваат во тоа што испраќаат светлина во терахерци, што се користи за анализа на хемикалии. Доколку се адаптираат за да може да испраќаат податоци, ласерите би можеле да понудат многу побрзи конекции за болниците, сателитските комуникации или други ситуации во кои е битна брзата конекција.


Фото: pixabay.com

Работата со овие ласери бара прецизност и контрола бидејќи тие треба да се исклучат околу 100 милијарди пати во секунда за да испраќаат податоци, а ова претставувало пречка за сите претходни истражувачи. Во новото истражување научниците сметаат дека откриле начин на контрола користејќи звук и светлина.

Наместо на електроника, научниците го засновале своето истражување на акустични бранови. Кога еден електрон патува низ оптичкиот дел од ласерот, минува низ „квантни бунари“ кои испуштаат пулс на светлинска енергија. Еден електрон може да испушти повеќе вакви фотони, а во новиот експеримент тоа се контролира со звучни бранови кои им предизвикуваат вибрации на тие квантни бунари.

Истражувањето не е совршено и потребни се дополнителни експерименти за да се добие поголема контрола пред користење на ласерите за испраќање податоци. Но понатамошната работа може да предизвика големи промени.

- Сметаме дека со дополнително подобрување може да развиеме нов механизам за целосна контрола на испуштањата на фотоните од ласерот и можеби и да ги интегрираме структурите што создаваат звук со терахерцниот ласер за да нема потреба од надворешен извор на звук - вели Џон Канингем, професор по наноелектроника на Универзитетот „Лидс“.

Извор: independent.co.uk
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија