X
 30.10.2017 Наука

Чуден објект од друг сончев систем поминал покрај Сонцето

Патувањето меѓу ѕвездите е сон на човештвото со генерации. Но, додека нашиот вид нема можност да го оствари тоа патување веќе подолго време, постојат некои сезонски „патници“ што се движат низ галаксијата, а таков еден објект поминал и низ нашиот Сончев Систем неделава.


Астрономот Роб Верик работел на податоци што се собрани со телескопот од Универзитетот на Хаваи, па забележал чуден објект во движење и го пријавил во „Мајнор планет центар“, каде што се составуваат извештаи за мали планети, месечини, природни сателити и комети. Телескопот служи како помошна алатка на НАСА за да лоцира објекти кои се движат блиску до Земјата, како астероиди. Досега сите вакви забележани објекти биле од нашиот Сончев Систем. Но овој пат ситуацијата била поинаква.

Објектот се движел екстремно брзо и имал траекторија според која може да се каже дека  го напушта нашиот Сончев Систем и нема да се врати. Објектот го нарекле „A/2017 U1“, кој е долг помалку од 400 метри, а кога влегувал во Сончевиот Систем се забрзувал со голема брзина. Сметале дека е комета, но објектот немал опашка како кометите. Астрономите пресметале дека поминал најблиску до Сонцето на 9 септември, поминувајќи во орбитата на Меркур.

Гравитацијата на Сонцето ги променила неговата насока и брзина, испраќајќи го надвор од нашиот Сончев Систем кон констелацијата Пегасус. Најблиску до Земјата објектот бил на 14 октомври, на оддалеченост од 15 милиони милји. Тоа е помалку од половина од растојанието помеѓу Земјата и Марс. Бидејќи објектот заминува брзо, астрономите немаат многу шанси да извршат детални набљудувања, но сепак има можност телескопот „Хабл“ да забележи некои негови карактеристики додека заминува. Според досега познатото, утврдено е дека објектот не е комета и има црвеникава боја.

Во извештај од 2016 година астрономите предвиделе дека интерстеларен објект може да се смета за објект блиску до Земјата врз основа на начинот на кој се движи. Сега откако објектот беше забележан, тие се обидуваат да детектираат други вакви мистериозни објекти. Ексцентричното движење на објектот кажува дека најверојатно долетал од друг далечен соларен систем, сметаат астрономите.

Со ваквите случаи ќе може подобро да се разбере зошто ваквите објекти лутаат во галаксијата, па и навлегуваат во нашиот Сончев Систем. За тоа утврдување многу ќе помогнат и модерните, големи телескопи што се развиваат и во иднина ќе служат како основни алатки за вакви набљудувања.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука