X
 12.12.2017 Живот

Кинески милијардер сака од САД да го смени режимот во Кина!

foto
Фото: АР

Кинескиот милијардер Гуо Венгуи, кој побарал азил во САД откако ги обвинил кинеските функционери за корупција, сака да го „смени режимот“ во Кина и да ја демократизира земјата.

„Сакам да се обидам да создадам правна држава, демократија, слобода. Тоа ми е крајната цел, промена на режимот“, изјавил Гуо за „Франс прес“ во разговорот што бил одржан во неговиот луксузен апартман во Њујорк.

Гуо, кој тврди дека има 47 години, иако не се знае точниот датум на неговото раѓање во текот на културната револуција, потврдил дека „10 пати“ се сретнал со Стивен Бенон, поранешниот советник на претседателот на САД, Доналд Трамп. Бенон се залага „економската војна“ против Пекинг да стане приоритет за Вашингтон.

За да ја оствари целта, ако е можно „во следните три години“, Гуо сака до крајот на годината да покрене „медиумска платформа“ за да ги прикаже недостатоците на комунистичкиот режим.

Тој веќе неколку месеци ги полни социјалните мрежи со обвиненија за корупција против кинеската елита. Милијардерот тврди дека неговиот налог на „Твитер“, со 480.000 следбеници, често е мета на блокади од конгресот на кинеската Комунистичка партија што се одржал во октомври.

Моментално тој го чека излегувањето на својата „платформа“. „Никој не може да ме запре, имам премногу пари за такво нешто“, вели Гуо, признавајќи дека за својот проект разговарал со Бенон, чиј портал „Брајтбарт њуз“ станал синоним за американската „алтернативна десница“.

Гуо исто така ги потврдил наводите на „Волстрит журнал“, според кои во мај во својот стан бил посетен од претставници на кинеската влада. Тој тврди дека нивна единствена цел е да го замолчат.  „Имам снимено над 100 часа разговори. За нив, заканата е преголема“, навел Гуо.

Двајцата негови браќа и многубројни негови вработени биле уапсени откако во 2014 година ја напуштил Кина, но истакнал дека во САД се чувствува безбедно и бил уверен дека наскоро ќе добие политички азил.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот