X
 17.01.2019 Живот

Нај(не)среќниот човек на светот

Франо Селак, професор по музика од Петриња, Хрватска, беше прогласен за најбаксузен и најсреќен човек на светот. Неколку пати успеал да ѝ избега на смртта, а на лото добил околу 900.000 евра.

Франо е роден во чамец кој се наоѓал на море меѓу Дубровник и островчето Локрум. Мајка му била во седмиот месец од бременоста кога тргнала на риболов со татко му. Породувањето започнало на море и со помош на таткото, Франо се родил во чамецот.

Како професор по музика, тој често ги менувал градовите во кои работел, па дел од животот го минал во Модрича во Босна и Херцеговина. Еден училиштен излет во Оџак во 1957 година се претворил во ноќна мора за Франо и шоферот Ахмет.

- Фала му на Бога што децата ги оставивме во Оџак, па во автобусот бевме само возачот и јас. Одевме накај Модрича со намера да испиеме уште една „патна“, а Ахмет беше познат по тоа што не седнува зад воланот без половина литар ракија во себе. Но возеше без грешка. На една кривина наместо десно, заминавме право иако Ахмет го вртеше воланот. Удривме и ја скршивме оградата на мостот и паднавме во реката Босна. За среќа, на тоа место реката не беше длабока, па не се удавивме - раскажува Франо.

Следната година Франо ја преживеа и втората голема несреќа. Тој бил еден од патниците во воз што патувал на релација Сараево - Дубровник. Се возел заедно со бабичка во купето кога огромна карпа, поради невремето, паднала на шините и возот излетал во ладната Неретва. Водата почнала да влегува во вагоните.

- Никогаш не сум велел дека сум храбар. Попрво ќе кажам дека сум кукавица и дека страшно многу се исплашив. Ми беше жал за бабата. Некако го скршив прозорецот и водата влезе во вагонот. Ја фатив бабата и успеавме да испливаме на површината. Со едната рака пливав, а со другата ја држев бабата додека не почувствував нечии раце што нè извлекоа на безбедно. Тоа беа мештаните од Грабовац, село во чија близина се случи несреќата - вели тој.

Кога во 1962 година мајка му, која била во Риека, тешко се разболела, тој решил од Загреб до Риека да оди со авион. Првпат во животот. Кога полетал авионот, тој седел во опашката, покрај вратата за излез во итни случаи и малото бифе од каде што стјуардесите носат освежување за патниците. Франо се загледал во една преубава стјуардеса. Го одврзал појасот, станал и разговарал со неа неколку минути. Тогаш слушнале силен удар. По три дена минати во шок-соба во Трауматолошката клиника во Загреб, тој дознал што се случило.


- Ми раскажаа лекарите, а и читав во весник дека авионот удрил во планина и дека загинале сите членови на екипажот и патници, 20-ина луѓе. Преживеавме убавата Розика и јас. По ударот на авионот во брдото Розика излетала низ вратата на опашот од авионот, а потоа воздухот ме повлекол и мене. Розика се заплеткала во гранките на некоја ела или бор, па речиси неповредена ја симнале со помош на воени хеликоптери, а јас сум се забил во голем стог сено покрај некое село во близина на Чабар во Горанската околина. Со истрагата утврдија дека сум преживеал пад од авион од висина од 800 метри. Немав никакви скршеници или сериозни повреди - вели Франо.

И тоа не е сè. Франо двапати во последен момент ја избегнал смртта возејќи се во својата „лада“, која првин се запалила во движење, а вториот пат се запалила и експлодирала. Тој навреме го запирал автомобилот и бегал и повторно поминал без повреди. Потоа на серпентина кон Карлобаг неговиот автомобил удрил во камион на УНПРОФОР. Всушност, приколката се испречила на патот и удрила во автомобилот на Франо, кој се стркалал во бездна длабока 150 метри. Франо испаднал од автомобилот бидејќи по падот од авионот рекол дека никогаш веќе нема да се врзува, па останал да виси меѓу дрвјата над бездната.

И овој автомобил експлодирал и изгорел, а Франо бил извлечен од страна на пожарникари и полицајци.


А потоа во 2002 година Франо погодил седумка на лото и добил седум милиони куни, односно околу 942.000 евра.

- Шест милиони и четиристотини илјади куни. Толку ми останаа кога државата го зеде данокот - вели тој.

После сè, живеел од пензија. Како е можно и на што ги потрошил парите што ги освоил?

Франо признава дека нема дух за бизнис. На сите им позајмувал пари, но не му ги вратиле. Купил 25 автомобили за пријателите, кумовите, роднините и познајниците. На луѓето им купувал крави и мебел, купувал инструменти за цели оркестри. Од поголемите инвестиции, купил куќа за 120.000 евра, а ја продал за 70.000 евра. Купил и два апартмани за 100.000 евра, а кога сфатил дека немаат прозорци, ги продал за 30.000.

Некои интернет-страници и медиуми ја проверуваа неверојатната приказна на Франо и остана доза скептицизам во однос на тоа дали воопшто се случиле сите тие несреќи. На пример, авионската несреќа не е заведена никаде, како ни другите несреќи. Некои дури и наведуваа дека Франо ја измислил целата приказна. Што и да е вистина, факт е дека Франо минатата година стаса и до листата на „Рипли“ - „Верувале или не“.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот