X
 17.01.2025 Наука

Ризикот од мозочен удар може да се види во вашите очи

Тестовите спроведени на очите би можеле да бидат едноставен начин да се процени ризикот од мозочен удар. Една нова студија идентификувала 29 „отпечатоци“ на крвните садови во мрежницата - слојот на ткиво чувствителен на светлина во задниот дел на нашите очи - кои се значително поврзани со зголемен ризик од мозочен удар.

Меѓународниот тим на истражувачи вели дека нивната техника напојувана со вештачка интелигенција може да помогне порано да се идентификуваат проблемите и да се спасат животи - бидејќи околу 90 проценти од мозочните удари се припишуваат на модифицирани фактори на ризик, вклучувајќи ги крвниот притисок и лошата исхрана.

- Кога се комбинираат со возраста и полот, новоидентификуваните параметри на мрежницата имаат подобра моќ на предвидување за ризикот од мозочен удар во споредба со воспоставените традиционални ризик-фактори - напишал тимот во неговиот труд.

Работата се надоврзува на претходните истражувања за тоа како се поврзани очите и мозокот  - и како крвните садови на очите можат да ги рефлектираат карактеристиките на крвните садови на мозокот. Мозочните удари се предизвикани од нарушувања или блокирања на нормалниот проток на крв во мозокот, лишувајќи го мозокот од кислород и хранливи материи.

Сликите на мрежницата направени преку фотографирање со камера слична на микроскоп биле собрани од 45.161 лице и запишани во поширока истражувачка база на податоци. Од нив, 749 имале мозочен удар во периодот опфатен со базата на податоци, кој во просек изнесувал 12,5 години.

Вештачката интелигенција била користена за да се забележат конзистентни шеми на крвните садови на очите кај волонтери кои претрпеле мозочни удари - вклучувајќи ги густината и обликот на крвните садови. Биле забележани вкупно 29 васкуларни карактеристики на мрежницата кои биле поврзани со ризикот од мозочен удар.

Параметрите на мрежницата идентификувани со вештачката интелигенција се поврзани со 9,8-19,5 проценти зголемување на веројатноста за мозочен удар, откриле истражувачите - и тие биле во можност да се поврзат во претходните истражувања за крвните садови на очите и ризикот од мозочен удар.

- Ова откритие беше во согласност со претходните студии кои открија поврзаност со ризик-факторите од мозочен удар, вклучително возраст, хипертензија и атеросклероза. Нашите наоди покажуваат дека оваа поврзаност главно се должи на параметрите на артериската густина - пишуваат истражувачите.

Со други зборови, некои од основните проблеми што можат да предизвикаат мозочен удар би можеле да влијаат и врз крвните садови во очите - иако студијата не е доволно сеопфатна за да докаже директна причина и последица.

Предвидувањето на веројатноста за мозочен удар е сложено, бидејќи многу различни фактори се во игра - од тоа што јадеме до тоа како спиеме. Не сите ќе се појават на очните тестови, но тие сигурно би можеле да помогнат во раната идентификација на зголемен ризик.

Ако повеќе луѓе можат да добијат предупредувања порано, тоа значи поголема можност да се направи нешто и потенцијално да се спречи прогресијата до посериозна состојба.

- Овој модел претставува практичен и лесно спроведлив пристап за процена на ризикот од мозочен удар, особено за примарната здравствена заштита - пишуваат истражувачите.

Извор: sciencealert.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука