Спиењето е клучно време за одмор и обновување на телото, но дали истовремено може да биде и можност за зголемено согорување калории?
Ако се обидувате да ослабете, веројатно се прашувате како максимално да ја искористите дневната потрошувачка на енергија. Истражувањата покажуваат дека постојат едноставни навики кои можат да помогнат дури и додека спиете.
- Обидот да се согоруваат повеќе калории во мирување може да изгледа како погрешен пристап. Но калории согорувате и кога се одмарате. Тоа се нарекува базален метаболизам или метаболизам во мирување. Иако се разликуваат во нијанси, често се користат како синоними - објаснува д-р Даниел Аткинсон, лекар по општа медицина.
Врз бројот на калории што ги согорувате за време на спиењето влијаат повеќе фактори.
- Всушност, бројот на калории што ги трошите додека спиете зависи од вкупната потрошувачка на енергија, а неа ја одредуваат фактори како возраста, телесната маса и животните навики - вели тој.
Кога станува збор за забрзување на метаболизмот, клучни се исхраната, физичката активност, количината на сон, па дури и средината во која спиете.
Внимавајте на температурата во собата
- Истражувањата покажуваат дека спиењето во постудена просторија може да помогне во забрзувањето на метаболизмот. Кај некои луѓе пониските температури го подобруваат квалитетот на сонот. Често полесно заспиваат, а ладниот ноќен воздух може да им користи на лицата со респираторни тегоби, како астма, и истовремено да го намали преносот на вирусни инфекции - вели д-р Аткинсон.
Доволно сон
Доволната количина сон е исклучително важна бидејќи неговиот недостиг може да влијае врз хормоните и да го забави метаболизмот.
- За регулирање на метаболизмот, клучно е доволно да спиете. Премалку сон го поттикнува лачењето на грелин, таканаречениот „хормон за глад“, со кој телото се обидува да го надомести недостигот на енергија. Последица се почести нездрави прехранбени навики и импулсивно посегнување по брза храна - објаснува Аткинсон.
Избегнувајте оброци доцна навечер
Ако не можете да одолеете на вечерна ужина, можно е несвесно да ги саботирате сопствените цели.
- Доцните оброци се уште една навика што треба да се избегнува ако сакате да го поттикнете согорувањето на калории. За време на спиењето телото помалку ефикасно троши енергија, па консумирањето обилни или калорични оброци пред легнување може да придонесе за зголемување на тежината и да го наруши квалитетот на сонот, бидејќи организмот ноќе интензивно ја вари храната - предупредува лекарот.
Тој нагласува дека поголемото трошење калории долгорочно е поврзано со одржливи животни навики.
Изградете мускулна маса
Развивањето мускули е еден од најефикасните начини за забрзување на метаболизмот.
- Познато е дека за одржување на мускулите телото троши повеќе енергија отколку за одржување масно ткиво. Воведувањето вежби со тежина во секојдневната рутина може значително да го зголеми трошењето на калориите - наведува Аткинсон.
Внимавајте на исхраната
Освен вежбањето, клучна улога има исхраната.
- Избирајте немасни извори на протеини и внесувајте доволно влакна од различно овошје и зеленчук бидејќи тоа помага подолго да бидете сити и да спречите непотребни меѓуоброци. Ако јадете попаметно и се движите повеќе, ќе создадете калориски дефицит што води кон слабеење - вели лекарот.
Колку калории согоруваме додека спиеме?
Возрасен човек во просек согорува меѓу 40 и 55 калории на час сон, но бројката може да варира зависно од градбата, тежината, исхраната и животниот стил.
Извор:
Nova.rs
Фото: Freepik