X
 17.03.2022 Живот

Глобална нафтена криза во минатиот век го претвори Копенхаген во велосипедски град

Велосипедите не доминирале отсекогаш на улиците на данскиот главен град Копенхаген. Тие станале популарни за време на нафтена криза.

Велосипедите биле популарни во градот на почетокот од 20 век, но до 50-тите години, како што луѓето се збогатувале и се селеле во предградијата, автомобилите станале попопуларни. Во 60-тите години автомобилите се сметале за футуристички, а велосипедите за застарени.

Меѓутоа, глобалната нафтена криза во 1973 година направила промени. Таа година цените на нафтата пораснале четирикратно за неколку дена. Поради конфликт во Израел, извозници од Блискиот Исток престанале да им продаваат нафта на некои земји.


Фото: Pixabay

Дури и пред оваа криза Данците почнале да се прашуваат за поволностите на урбаното планирање кое се фокусира на автомобилите. Нафтената криза помогнала да се забрзаат промените во текот на 70-тите години. Во Копенхаген било забрането возењето во недела поради недостиг на гориво, а набрзо се појавило и движење кое се борело за користење велосипеди како алтернативно превозно средство.

Градот се откажал од плановите за изградба на булевари и претворил улици во пешачки зони, а сообраќајот со автомобили бил забранет во некои делови од градот. Данската федерација на велосипедисти предложила план за изградба на мрежа на велосипедски патеки во градот и Копенхаген наскоро почнал да гради нови велосипедски патеки.


Фото: Pixabay

Од 70-тите години градот издвојува пари за проширување на велосипедската инфраструктура, а промените дополнително се забрзале во 2005 поради градоначалникот кој го промовирал користењето велосипеди. Била направена и маркетинг-кампања за да се охрабрат повеќе луѓе да користат велосипед.

Копенхаген денес има велосипедски патеки со вкупна должина од 400 километри, како и велосипедски мостови и „автопати“ за велосипеди со кои велосипедистите може да стигнат од предградијата до градот без застанување на семафори.

Извор: Fast company
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот