Данската државна поштенска служба „Постнорд“ објави дека до крајот на 2025 година ќе престане со испорака на писма поради драстичен пад од 90 отсто во обемот на испорака од почетокот на овој век.
Оваа одлука означува крај на 400-годишната историја на поштенската услуга за писма во Данска. Од јуни ќе започне отстранувањето на 1.500 поштенски сандачиња низ земјата. Сепак, Томас Аниелсен, данскиот министер за сообраќај, уверува дека граѓаните и понатаму ќе можат да праќаат и да примаат писма низ целата земја бидејќи една компанија изразила подготвеност да ја преземе доставата.
Поштенските служби во Европа се соочуваат со слични предизвици. На пример, германската „Дојче пост“ неодамна најави укинување на 8.000 работни места, нарекувајќи го тоа „социјално одговорен“ потег. Претставници на работниците стравуваат дека ова е само почеток на уште поголеми кратења.
Данска имаше универзална поштенска услуга цели 400 години, но со доминацијата на дигиталната комуникација, употребата на писмата значително се намали. Во модерното време електронската пошта, пораките и онлајн услугите целосно го променија начинот на комуникација, оставајќи ги традиционалните поштенски системи пред голем предизвик - дали и како да продолжат да функционираат.
Со оваа одлука Данска им се приклучува на сè поголемиот број земји кои постепено ги укинуваат традиционалните поштенски услуги за писма, заменувајќи ги со побрзи и поефикасни дигитални алтернативи.
Извор:
The Guardian
Фото: PostNord