X
 17.04.2025 Живот

Синдром на добра девојка - навика што го разнишува здравјето на жените

Дали некогаш сте слушнале за синдром на добра девојка? Тој се јавува кај жени кои чувствуваат потреба да им угодуваат на сите околу себе, ставајќи ги сопствените желби и потреби на последно место. Ова самоодрекување може сериозно да влијае врз здравјето.

Терапевтот Дајан Ленг истакнува дека многу жени страдаат од овој синдром.

- Многу од нас се воспитани да бидат тивки, скромни и да се грижат сите други да бидат среќни. Тоа е однесување што се учи. И мажите можат да се трудат да им угодат на другите, но жените почесто се однесуваат така поради начинот на кој сме воспитани - објаснува Ленг.

Синдромот на добра девојка подразбира недостиг на граници, страв од конфликти, избегнување да се каже сопствено мислење и слично. Многумина не се свесни дека ова однесување не влијае само врз психичкото, туку и врз физичкото здравје. Може да предизвика проблеми со варењето, главоболки, несоница, губење апетит и други симптоми, пренесува порталот „Кликс“.

Сепак, овој синдром може да се надмине - со учење како да се постават здрави граници и како да се каже „не“ на работи што нè вознемируваат.

Ленг додава дека во процесот на закрепнување важни се малите чекори: да си легнувате порано, да јадете поздраво, да шетате почесто. Исто така, препорачува секое утро да пишувате дневник во кој ќе ги запишете мислите на хартија без да се осудувате.

- Мора да бидете подготвени дека овој процес може да биде застрашувачки. Кога ќе почнете да се менувате, кога ќе кажете „не“ и ќе поставите граници, тоа ќе влијае и врз луѓето околу вас. Некои ќе се вознемират, можеби ќе се променат и вашите односи со нив. Но тоа е знак дека сте на добар пат - вели таа.

Затоа, ако се пронајдовте во овие зборови, запомнете - да бидете добри не значи да се изгубите себеси. Ставот, границите и грижата за себе не ве прават себични, туку ве прават здрави.

Извор: n1info.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот