X
 11.03.2021 Живот

Неверојатните жени во првата борбена линија против Ковид-19: „Веднаш заминав во Вухан и за 50 дена имавме вакцина!“

Во текот на ковид-кризата во 2020 година бевме сведоци на силата на женското лидерство. Водечките жени покажаа иновативни пристапи, на локално и на национално ниво. Од 49 милиони медицински работници во Европската Унија, дури 76 отсто се жени и се во првите редови во борбата против Ковид-19. И повеќето истражувачите тимови во развојот на вакцините беа водени од жени.

Но, и покрај сите напори и лидерството што го покажаа, жените се соочуваат со долгорочните ефекти на пандемијата врз балансот помеѓу професионалниот и личниот живот. Токму за ова беше дискутирано на онлајн-конференцијата за новинари „Женското лидерство во борбата против Ковид-19“ што се одржа на 3 март, во организација на Европскиот парламент. Меѓу учесниците на семинарот беше д-р Каталин Карико, унгарска биохемичарка која одигра клучна улога во развојот на иРНК-вакцина на компанијата „Фајзер“ и „Бајонтек“.

Која е Каталин Карико?

Родена во 1955 година, Каталин пораснала во градот Солнок, Унгарија.

- Потекнувам од едноставно семејство, моите родители немаа формално образование. Немавме вода, ниту телевизија во нашиот дом. Но, имав добри наставници кои ја поттикнуваа мојата љубопитност и интересот за науката. Многу е важно да имате добри наставници - вели Каталин.

Каталин дипломирала и докторирала биохемија на Универзитетот во Сегед, каде што ја почнала својата научна кариера истражувајќи ја рибонуклеинската киселина (РНК). Но, фрустрирана од недостигот на средства за наука, како и многу амбициозни научници од Источна Европа, одлучила да замине во САД.

Како успеала во Америка?

Во САД отишла во 1985 година со нејзиниот сопруг и двегодишната ќерка.

- За да успеете како научник, мора да имате сопруг што ќе ве поддржува и нема да приговара околу готвењето - вели Каталин.

Истражувањето го продолжила на Универзитетот „Темпл“, а потоа и на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Пенсилванија. Но, до тој момент ентузијазмот за истражување на иРНК  (информациона рибонуклеинска киселина) бил намален и нејзината идеја дека може да се користи во борбата против болести се сметала за премногу радикална и финансиски ризична.

1
Фото: CNN/Screenshot

Таа се пријавувала за грантови, но постојано била одбивана, а во 1995 година се соочила и со деградирање на нејзината позиција на универзитетот. Истовремено ѝ бил дијагностициран рак.

Но, не се откажала.

На крајот, таа и нејзиниот поранешен колега од Универзитетот во Пенсилванија, Дру Вајсман, развиле метод со кој синтетичката иРНК може да се користи за борба против болести што го менуваат начинот на кој телото произведува антивирусен материјал.

Тоа откритие сега е основа на вакцината против Ковид-19, а некои велат дека Вајсман и Карико, кој сега е потпретседател на германската компанија „Бајонтек“, заслужуваат Нобелова награда.

Која е Сара Гилберт?

Во април минатата година британските научници предводени од професорката Сара Гилберт од Институтот „Џенер“ при „Оксфорд“ ја објавија оксфордската вакцина базирана на вирусен вектор. Универзитетот „Оксфорд“ потоа ги здружи силите со британско-шведската компанија „Астра зенека“ за да развие вакцина против Ковид-19 која во ЕУ беше одобрена оваа година.

Родена во 1962 година во индустрискиот град Кетринг, Сара Гилберт дипломирала биологија на Универзитетот во Источна Англија и докторирала генетика и биохемија на Универзитетот во Хал. Таа извесно време работела во истражувачки центар за пиварство, а потоа добила позиција во јавното здравство пред да се пресели во Оксфорд, во средината на 90-тите години, каде што студирала генетика за маларија и подоцна развила вакцина против оваа болест.

sara
Фото: Screenshot/YouTube

Животот малку ѝ се искомплицирал кога пред 22 години родила тројка, кои денес студираат биохемија. Но, со помош на нејзиниот партнер, таа успешно балансирала помеѓу улогата на мајка и улогата на научник и станала професорка на престижниот Институт „Џенер“, каде што во 2014 година го водеше првото клиничко испитување за вакцина против ебола.

Второто испитување на вакцина штотуку почнуваше кога се појави Ковид-19 во Кина, на почетокот од 2020 година, па Сара брзо сфати дека може да го користи истиот пристап при развивање вакцина за коронавирусот. Нејзината одлука беше вистинската: на светот му беше дадена друга вакцина во борбата против коронавирусот, а Сара Гилберт беше избрана за една од 100. најинспиративни жени за 2020 година во изборот на Би-би-си.

Која е Чен Веи?

Вирусологот и генерал на Кинеската народна ослободителна армија, д-р Чен Веи, е жена со посебни задачи која половина од својата научна и воена кариера ја помина во борба против опасни вируси.

Кога САРС (тежок акутен респираторен синдром) се појави во Кина во 2003 година, д-р Чен и нејзиниот тим го изолирале коронавирусот што ја предизвикува болеста. Покрај тоа, тие развиле спреј за нос што им помогнал на околу 14.000 кинески медицински работници да бидат на првите редови во борбата со САРС. Но, за време на епидемијата на САРС, таа не го видела своето семејство половина година, па нејзиниот сопруг се сеќава како нивниот мал син го бакнал ТВ-екранот кога ја видел мајка си во една ТВ-емисија.

3
Фото: Screenshot/YouTube

Епидемијата на ебола во Западна Африка во 2014 година беше нов предизвик за Чен Веи, која се посвети на развој на вакцина против оваа смртоносна тропска болест. Таа и нејзиниот тим отидоа во Сиера Леоне во 2015 година и ја почнаа втората фаза на клинички експерименти. Се покажа дека оваа вакцина е безбедна и ефикасна и е широко користена од медицинскиот персонал назначен да им помага на луѓето во Африка.

Сепак, најголемиот предизвик за д-р Чен Веи беше Вухан, епицентарот на новиот коронавирус, во јануари минатата година. Таа воопшто не се двоумела, а 50 дена подоцна нејзиниот тим од Институтот за биологија при Кинеската академија за воени медицински науки во соработка со „Кансино бајолоџикс“ ја подготви првата вакцина.

Првата студија за оваа вакцина, која се базира на вирусен вектор, беше објавена уште во мај 2020 година во познатото научно списание „Лансет“. Во текот на минатото лето првата доза на вакцината „Конвидеција“ веќе им беше дадена на кинеските војници. За придонесот во борбата против Ковид-19, Чен Веи беше одликувана со најголемата кинеска национална награда минатата година.

Извор: Jutarnji.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот