X
 17.05.2023 Наука

Откриени 62 нови месечини на Сатурн

Сатурн повторно е планета со најмногу месечини во нашиот Сончев Систем откако биле откриени 62 нови месечини. Во февруари Јупитер ја надмина Сатурн кога беа откриени 12 нови месечини околу неа, со што вкупниот број на месечини на Јупитер достигна 95.

Меѓутоа, планетата со прстени сега има 145 месечини кои се официјално признаени од страна на Меѓународното астрономско здружение. Новите месечини на Сатурн биле откриени од страна на повеќе институти под водство на Едвард Ештон, постдокторанд на институтот за астрономија и астрофизика „Академија Синика“ во Тајван.

Астрономите ги откриле новите месечини со помош на техника за анализа на фотографии во која повеќе фотографии се поместуваат со истата брзина со која месечината се движи на небото. Оваа техника овозможува подобро гледање на вселенските тела кои се премногу бледи на посебни фотографии. Истиот метод за анализа на фотографии претходно бил искористен за откривање месечини на Нептун и Уран.

Меѓу новооткриените месечини има и таква со дијаметар од само 2,5 километри. Меѓутоа, астрономите сега треба да ги потврдат сите овие месечини со детална анализа на фотографиите и следење на вселенските тела со телескопи.

Сите новооткриени месечини на Сатурн се од категоријата неправилни месечини. Неправилните месечини имаат големи, елиптични или наклонети орбити во споредба со орбитите на другите месечини. Околу Сатурн сега кружат 121 неправилна месечина, а 24 правилни.

Извор: Interesting engineering
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука