Алпската чоколада „милка“ е прогласена за најдрска рекламна лага на годината во истражување спроведено од организацијата за заштита на потрошувачите „Фудвач“.
- Чоколадата „милка“ е школски пример за таканаречено скриено намалување (shrinkflation), па токму поради тоа потрошувачите ја прогласија за најдрска рекламна лага на годината - се наведува во соопштението на „Фудвач“.
Терминот скриено намалување се користи кога производите не поскапуваат директно, но нивната количина се намалува, а цената останува иста.
Во истражувањето, 34 отсто од испитаниците гласале „милка“ да ја добие негативната награда „Goldener Windbeutel“, што во превод значи златна вреќа со воздух, што алудира на измама, а инаку е име на еден вид слатко печиво.
Компанијата „Монделез“, која стои зад брендот, ја зголемила цената на алпската чоколада од 1,49 евра на 1,99 евра, а набрзо потоа тежината на чоколадата била намалена од 100 на 90 грама. Тоа, според „Фудвач“, претставува ефективно зголемување на цената за дури 48 отсто.
Ја критикуваат нетранспарентноста на компанијата
„Монделез“ го оправда поскапувањето со зголемувањето на цените на какаото на светските берзи и со други фактори што влијаат врз крајната цена на производите.
Од друга страна, „Фудвач“ ја критикуваше нетранспарентноста на компанијата, особено во однос на намалувањето на тежината на чоколадата.
- На предната страна од пакувањето пишува дека има 90 грама, но тоа е напишано со мали букви и често е прекриено на полиците во супермаркетите - наведуваат од организацијата и додаваат дека цената на чоколадата во Германија минатата година пораснала за околу 8 отсто, додека кај некои производи од „Монделез“ цените скокнале дури за 64 отсто.
На второто место на оваа неславна листа за измама на потрошувачите се најде димениот лосос на една норвешка компанија, која била остро критикувана за непочитување на законите за заштита на животните.
На третото место повторно е чоколада, овој пат „менстру чокобар“ наменет за жени во циклус со тврдење дека содржи состојки железо и витамин Б6 што наводно ги ублажуваат симптомите на циклусот. „Фудвач“ тврди дека нема научни докази што го поткрепуваат тоа.
Четвртото место го зазеде популарниот маргарин „рама“, производ на компанијата „Флора фуд груп“, за кој потрошувачите забележуваат дека на пакувањето пишува „100 отсто природни состојки“, иако, според „Фудвач“, производот содржи голем број индустриски преработени додатоци.