Несуицидно самоповредување се нарекува намерното нанесување повреди на сопственото тело без намера да се одземе сопствениот живот. Во Македонија ретко се зборува отворено за оваа појава, иако повремено во јавноста се појавуваат случаи на самоповредување кај младите. Најчесто се манифестира со исеченици или гребеници по рацете и нозете, нанесени со остри предмети.
Иако нема официјална статистика за распространетоста на несуицидното самоповредување кај младите во земјава, медиумите во 2019 година известуваа за случаи на самоповредување на деца во Битола, кои тогаш беа поврзувани со интернет-предизвици. Во 2024 година, пак, од повеќе скопски училишта беа испратени предупредувања до родителите поради забележано самоповредување кај учениците.
Самоповредувањето – рани што не се гледаат
Зад исечениците по рацете на едно младо лице може да се крие емоционална болка за која тоа не знае како да зборува, ниту кому да му ја довери. Психолозите предупредуваат дека причините се различни и дека навременото препознавање и стручната помош се клучни за надминување на проблемот.
- Несуицидното самоповредување претставува намерно оштетување на сопственото тело, најчесто преку сечење, гребење или удирање, без намера да се одземе сопствениот живот. Особено е застапено во адолесценцијата, период во кој младите се поемоционално реактивни и понекогаш потешко ги регулираат интензивните чувства - вели проф. д-р Драгана Батиќ, психолог, психотерапевт и раководителка на Психолошкото советувалиште за студенти при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола (УКЛО). Таа е редовен професор по криминалистичка психологија и психопатологија на Факултетот за безбедност во Скопје.
Причините најчесто се повеќеслојни и произлегуваат од комбинација на лични, семејни и социјални фактори.
- Самоповредувањето често е знак дека младиот човек доживува силна емоционална болка со која не знае како да се справи. Може да биде поврзано со тешкотии во емоционалната регулација, чувство на празнина, емоционална отрпнатост или изгубен контакт со себе и сопствените чувства. Понекогаш претставува начин да се изрази болка што не може да се преточи во зборови, а може да биде и форма на самоказнување, особено кога се присутни силен срам и негативна слика за себе - објаснува Батиќ.
Во работата со млади кои се самоповредуваат, додава таа, понекогаш се слуша реченицата: „Вака барем нешто чувствувам.“ Физичката болка може привремено да им помогне да се почувствуваат присутни и да го прекинат чувството на емоционална празнина.
- Значајни ризик-фактори се врсничкото насилство, отфрлањето, семејните конфликти, емоционалната злоупотреба и недостигот на родителска поддршка. Поголем ризик може да постои и кај младите што се изложени на стигма и дискриминација поради својата сексуална ориентација - вели психологот.
Социјалните мрежи имаат сложено влијание. Тие можат да придонесат за имитација на самоповредувачко однесување, но истовремено да бидат извор на информации и поддршка. Затоа, за проблемот треба да се зборува внимателно и стручно, со цел да им се помогне на младите, а не дополнително да се изложат на ризик.
Родителите да не осудуваат, туку да слушаат
Кога ќе откријат дека нивното дете се самоповредува, родителите често се исплашени, збунети и чувствуваат вина, па не знаат како да постапат.
- Викањето, казнувањето, осудувањето или реакциите како „Зошто ни го правиш ова?“ можат дополнително да го затворат детето и да ја отежнат комуникацијата. Најважно е родителот да остане смирен, да покаже разбирање и да биде подготвен да слуша. Може да каже: „Гледам дека нешто многу те боли. Не мораш сè да ми кажеш веднаш, но сакам да знаеш дека сум тука и дека заедно ќе побараме решение“ - вели психологот Батиќ.
Таа нагласува дека е важно да се разговара без притисок, но и директно да се праша дали младото лице има мисли да си го одземе животот. Родителот не мора сам да го решава проблемот. Самоповредувањето е причина да се побара стручна помош од психолог или психотерапевт, а зависно од состојбата, и од психијатар.
- Не секој млад човек што се самоповредува ќе се обиде да изврши самоубиство. Сепак, ако причините за ова однесување останат непрепознаени и нетретирани, самоповредувањето може да се повторува и да стане начин на справување со стресот и емоционалната болка. Кај дел од младите може да се продлабочат психолошките тешкотии и да се зголеми ризикот од суицидни мисли или однесување - предупредува психологот.
Самоповредувањето не треба да се игнорира, да се казнува или да се смета за минлива фаза. Потребно е да се разбере што стои зад однесувањето и што го довело младиот човек до потребата на овој начин да се справува со својата болка.
- На младите им е потребна средина во која можат да зборуваат за своите чувства без страв од осудување. Наместо да прашуваме „Зошто си го правиш тоа?“, поважно е да прашаме: „Што ти се случува и со што ти е најтешко да се справиш?“ - заклучува Батиќ.
Неопходна е мрежа на бесплатни советувалишта за млади
Раното препознавање, поддршката од семејството и стручната психолошка помош се клучни за развивање побезбедни начини на справување со емоционалната болка. Затоа, Батиќ нагласува дека во Македонија е неопходно да се развива мрежа на достапни, вклучително и бесплатни советувалишта за млади, каде што тие навреме ќе можат да добијат психолошка помош и поддршка без страв од осудување.
Фото: приватна архива; magnific