X
 17.10.2018 Здравје

Колку се опасни амебите што „го јадат мозокот“?

Ништо не предизвикува поголем страв и параноја во јавноста од фразата „амеба што ви го јаде мозокот“. Овие застрашувачки зборови доминираа во западните медиуми по проширувањето на веста за 29-годишен човек кој се заразил со болеста и починал по посета на аквапарк во Тексас.

Фабрицио Стабиле почнал да се чувствува лошо и имал главоболка во текот на неговите последни денови по посетата на паркот, а токму тоа е дел од она што е опасно кај оваа болест: на почетокот изгледа безопасна. Стабиле на крајот не можел да стане од кревет и течно да зборува, па бил хоспитализиран. Лекарите не можеле да го спасат. Ова е ужасна приказна, но колку всушност треба да се плашиме? Еве што треба да знаете.

Амебата за која станува збор кај Стабиле се вика Naegleria fowleri. Треба да се знае дека не сите амеби предизвикуваат болести и многу од другите амеби од видот Naegleria не се опасни за луѓето. Naegleria fowleri може да влезе во човечкото тело преку носните шуплини, каде што се прикачува за мирисните нерви и мигрира во мозокот. Таму предизвикува воспалување кое можеби ви е попознато како менингитис. Терминот менингитис означува воспаление на менингиите - сврзни мембрани кои го обвиткуваат черепниот и 'рбетниот мозок. Вакцините против менингитис штитат само од три типа на бактериски менингитис. Вирусите, паразитите, габите и амебите исто така можат да го предизвикаат ова воспаление.

Сите тие извори може да бидат смртоносни, но амебичниот менингитис, познат и како примарен амебичен менингоенцефалитис, генерално е поопасен бидејќи нема јасна терапија.

Светот знае за амебичен менингитис од 60-тите години кога истражувачите ја идентификувале Naegleria fowleri како причина за инфекциите во САД и во Австралија. Забележани се многу малку случаи на инфекции и покрај тоа што амебата ја има во почвата и во топлите води и милиони луѓе се изложени на амебата која предизвикува инфекција. Експертите не се сигурни зошто некои луѓе заболуваат, а некои не.

Според застрашувачки преглед на болеста, направен во 2012 година, како што расте амебата, таа се размножува хранејќи се од нервното ткиво. Како кулминација, Naegleria fowleri може да предизвика воспаление, некроза и внатрешно крвавење. Лоша е колку што ѝ е и името.

Симптомите за амебичен менингитис се слични како оние за бактериски менингитис: главоболка, треска, гадење и здрвен врат. Амебичниот менингитис обично напредува брзо, во рок од пет дена, и во текот на тој период кај пациентот се развива збунетост, халуцинации... Повеќе од 95 отсто од луѓето кај кои се развива амебичен менингитис умираат, а кај само 27 отсто од случаите дијагнозата се поставува навреме, односно пред пациентот да почине.

Климатските промени ќе го затоплат поголемиот дел од светот и тоа значи дека повеќе луѓе ќе живеат на места со вода погодна и за Naegleria fowleri. Истите тие луѓе можеби нема да се свесни за опасноста. Амебичниот менингитис можеби е редок, но тоа не значи дека не може да зачести. А знаењето на симптомите може да спаси живот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје