X
 05.12.2022 Технологија

Армија роботи ја градат најголемата населба со 3Д-печатени куќи во Америка

Овој пионерски потфат би можел да претставува прв чекор кон иднината во која роботите и беспилотните летала ќе градат цели населби и градови.

Започна изградбата на најголемата заедница на 3Д-печатени куќи во САД, за која проектот го направи данската компанија BIG, додека компанијата ICON е задолжена за 3Д-печатење на објектите.

Проектот наречен „Волчји ранч“ вклучува изградба на 100 дома во Џорџтаун, северно од Остин во Тексас. Планот за развој подразбира систем од осум различни основи со распон на квадратура од 146 до 196 квадрати, кои би биле трособни или четирисобни единици.




Палетата на внатрешни материјали вклучува печатени ѕидни текстури и полирани бетонски подови, додека ентериерите ќе бидат дефинирани во понуда од 24 стила. Покривите на секоја куќа ќе имаат соларни панели.

Внатрешните и надворешните ѕидови ќе бидат изведени со користење на цела флота роботи за 3Д-печатење, за која компаниите веруваат дека ќе донесе помалку отпад, а повеќе слобода во дизајнот.



Овој забрзан начин на изградба партнерите го гледаат како решение за станбената криза која веќе некое време владее во САД.

- Првпат во историјата на светот сме сведоци како флота од роботи гради цела една заедница домови. И тоа нема да бидат какви било куќи, туку домови кои се подобри во секој поглед - подобар дизајн, поголема сила, подобри енергетски перформанси, удобност и зголемена отпорност - истакна Џејсон Балард, директор на ICON.



Тој додаде дека верува оти во иднина роботите и беспилотните летала ќе градат цели населби и градови, а дека тогаш оваа населба ќе се споменува како местото на кое почнало роботското градење во големи размери.

Извор: gradnja.rs
Фотографии: BIG/ICON
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија