X
 26.01.2018 Живот

Решена мистеријата за големото бегство од затворот „Алкатраз“?

Дали едно писмо конечно ќе ја реши мистеријата стара 55 години? Имено, во јуни 1962 година тројца мажи побегнале од најчуваниот и најсигурен затвор во тоа време – „Алкатраз“.

фотоизвор: Reuters

Браќата Џон и Кларенс Англин и Френк Морис побегнале во ноќта и никогаш не биле пронајдени. Теории за нивната судбина имало многу повеќе отколку доказите што се пронајдени. Тоа бегство од затворот, кое е поставено и во филмот „Бегството од Алкатраз“ со Клинт Иствуд, се смета за еден од најголемите вакви подвизи во историјата.

Во „Алкатраз“ пристигнувале само најлошите криминалци. Отсекогаш се сметал за затвор од кој никој не може да побегне, а оние што ги прескокнале ѕидовите не преживеале во морето. Во историјата ќе остане запаметен како камен остров во заливот Сан Франциско, опкружен со студена, сурова вода од Пацификот, од каде што никој не успеал да побегне. Барем дотогаш така се мислело.

Имено, телевизијата KPIX 5, со седиште во Сан Франциско, тврди дека добила писмо кое може да ја разјасни мистеријата.

„Моето име е Џон Англин. Побегнав од ’Алкатраз‘ во 1962 година со својот брат Кларенс и Френк Морис. Имам 83 години и сум во лоша состојба. Боледувам од рак. Вистина е, успеавме да побегнеме таа ноќ, но едвај“, стои во писмото.

Од ФБИ коментираат дека ова писмо е најсвеж доказ за бегството од затворот, па агенцијата повторно ќе го отвори овој случај. Писмото ѝ е испратено на полицијата во Сан Франциско во 2013 година. Според информациите во него, Френк Морис починал во 2008 година, а братот на Џон 3 години подоцна.

Правосудната полиција, единствената што во овој момент го истражува случајот, известила дека од ФБИ ги анализирале отпечатоците од прстите на писмото и направиле ДНК-анализа, како и анализа на ракописот, но резултатите не биле целосни. Авторот на писмото навел дека многу години по бегството живеел во Сиетл. Исто така, споменал дека живеел во Северна Дакота 8 години, а во моментот кога го пишувал писмото живеел во Јужна Каролина.

Нема причини да се верува дека кој било од бегалците го променил животниот стил и станал граѓанин што ги почитува законите, стои во соопштението на американската правосудна полиција. Во официјалното соопштение што ФБИ го објавило по нивното бегство се истакнува дека тројцата затвореници се удавиле кога го напуштиле „Алкатраз“, а нивните тела се во Тихиот Океан.

Писмото што го споменува телевизијата не е единствениот доказ кој минатите години се појавил во јавноста, а би можел да упатува на тоа дека затворениците преживеале. Во емисијата на „Хистори ченел“ во 2015 година била објавена фотографија за која се тврди дека би можела да ги прикажува браќата Англин во Бразул, снимена 13 години по нивното бегство.

Кога би биле живи, Френк Морис денес би имал 90 години, Џон 86, а Клеренс 87 години.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот