X
 31.01.2018 Наука

Електронски цигари - решение или дополнителен проблем?

Откако се појавија во 2006 година, електронските цигари се предмет на дебата. Дали овие производи, од кои течниот никотин испарува, обезбедуваат поздрава алтернатива за откажување од пушењето? Или служат само како искушение за оние што во друг случај не би станале зависници од никотин?


Според најобемниот извештај направен на оваа тема од страна на повеќе организации и институции, одговорот е потврден и за двете прашања. Изгледа дека ваквите производи се подобри за здравјето отколку стандардните цигари, но има и докази дека електронските цигари ги користат и деца и тинејџери, најчесто за да ги избегнат цигарите. Тие веќе се користат цела деценија, а сепак не е доволно познато какви ефекти имаат врз здравјето и дали би можеле да го заменат традиционалното пушење цигари.

Електронските цигари и нивните состојки се значително помалку токсични од стандардните цигари, велат експертите. За оние што сакаат да се откажат од пушењето, секако дека се подобри, но според некои студии, и тие состојки предизвикуваат ризик за канцер, иако минимален, сепак е присутен. Но, нема докази дали електронските цигари можат да предизвикаат срцеви заболувања, а сите тие достапни вкусови не биле тестирани и проучувани за да се одреди дали постои степен на ризик при нивна консумација.

Многумина имаат став дека електронските цигари, бидејќи содржат никотин, во голема мера може да им помогнат на пушачите во откажувањето, но не може да се каже дека се подобри од која било друга опција. Исто така, загрижувачко е што електронските цигари сè повеќе ги користат млади лица и тинејџери. Кога тинејџер ќе почне да користи еден вид никотин или тутун, тогаш цигарите за него изгледаат како не многу страшен ентитет, па сепак може да се заклучи дека врската помеѓу користењето на електронските цигари и евентуалното пушење стандардни цигари е силна.

Постојат и некои докази дека оние што почнуваат да пушат електронски цигари го зголемуваат користењето на цигарите и пушат подолг временски период. Тоа е така веројатно поради мислењето дека штетноста кај овие цигари е помала, па затоа се зголемува и консумацијата. Затоа експертите сметаат дека можеби подобро решение за откажување од пушењето се никотинските лепенки и гумите за џвакање. Ако електронските цигари им помагаат на возрасните да се откажат, кај младите лица ги навлекуваат на пушење цигари. Сето тоа, според експертите, доведува до предизвикување здравствени проблеми на долгорочен план, а сепак не е утврдено точно за колкав негативен ефект станува збор. 

Затоа, електронските цигари се препорачуваат, но не само како замена за стандардните цигари, односно постојаното нивнот користење нема да помогне во откажувањето од пушење. Односно, препорачливо е да ги користите само ако вистински сте решени да се откажете од пушењето, па по одреден временски период да престанете со консумација на било какви цигари. Се заклучува дека потребни се уште истражувања на оваа тема бидејќи ситуацијата не е целосно јасна.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука