X
 02.02.2022 Наука

Таблети со РНК-вакцина наместо инјекција

Како што добро знаеме, вакцинацијата на населението донекаде е во застој, а процентот на вакцинирани лица се зголемува прилично бавно.

Иако ситуацијата е нешто подобра во западните земји, Светската здравствена организација смета дека луѓето не сакаат да го користат единственото ефикасно оружје против пандемијата.

Научниците од Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ) веруваат дека стапките на вакцинација би можеле да се зголемат доколку вакцината се дава во форма на таблети бидејќи процентот на луѓе што не сакаат да се вакцинираат поради страв од инјекции не е занемарлив.

Во нивната нова студија, научниците демонстрираа нов начин за испорака на РНК директно до дигестивниот тракт со помош на таблети.

Бидејќи нашиот дигестивен систем е полн со киселини дизајнирани да ја разградуваат сложената храна, на оралните лекови често им е потребна заштитна обвивка за да поминат низ желудникот, а некои лекови, како што е инсулинот, треба да се инјектираат за да бидат ефективни.

Пред неколку години истражувачите од МИТ открија уникатен метод на орална употреба на лекови. Иновацијата беше мала таблета обложена со микроигли. Откако ќе стигне до цревата, капсулата ја инјектира својата содржина директно во цревниот ѕид и потоа безбедно поминува низ дигестивниот систем на една личност.

1
Фото: Cell

Во 2019 година тимот на МИТ покажа дека капсулата ефикасно испорачува инсулин во тестовите на животни. Во експериментите со свињи истражувачите откриле дека капсулата може да инјектира иста количина на инсулин во крвотокот на животното како стандардна поткожна инјекција.

Сега научниците покажаа дека овој нов систем за испорака на лекови може ефикасно да работи со молекулите на РНК.

- Нуклеинските киселини, особено РНК, можат да бидат исклучително чувствителни на деградација, особено во дигестивниот тракт. Надминувањето на овој предизвик отвора повеќе пристапи за терапија, вклучително и потенцијална орална вакцинација - рече коавторот на новата студија, Џовани Траверсо.

Прво, истражувачите развиле нов тип наночестички за задржување на РНК. Оваа нова наночестичка е дизајнирана да навлезе во клетките поефикасно и да испорача РНК, што значи дека се потребни помалку наночестички за да се постигнат терапевтски ефекти.

Алекс Абрамсон, коавтор на новата студија, вели дека ќе биде потребна повеќе работа за да се испита дали вакцините со РНК кои се даваат на овој начин може да доведат до системски имунолошки реакции, но многу е веројатно дека тоа ќе функционира.

Ќе помине уште некое време до крајот на ова истражување и клиничките испитувања на луѓе, така што засега имаме само инјекции кои се речиси безболни, но некои луѓе и понатаму се плашат од иглата. Некако мислиме дека иглата можеби не е главната причина што некој избира да биде антиваксер, но таблетите секако би можеле да помогнат.

Целата студија на научниците од МИТ можете да ја најдете на овој линк.

Извор: Vidi.hr
Фото: Cell.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука