X
 03.03.2018 Живот

Што претставува „Ајнштајн визата“ и како ја добила Меланија Трамп?

трамп
Фото: ЕРА

Меланија Трамп добила американско државјанство врз основа на виза за имигранти со „извонредна способност“ и „одржливи национални и меѓународни признанија“.

Наречена „Ајнштајн виза“, ЕБ-1 во теорија е резервирана за луѓе што се високо признати во својата област - владата ги наведува добитниците на Пулицерова награда, „Оскар“ или олимписки медал како примери, како и почитувани академски истражувачи и мултинационални извршни директори.

Меланија Трамп почнала да аплицира за виза во 2000 година, кога била Меланија Кнаус, словенечки модел, и работела во Њујорк и била во врска со Доналд Трамп. Визата ѝ била одобрена во 2001 година и таа била меѓу петте лица од Словенија што таа година добиле виза. Како граѓанин, во 2006 година ѝ било дадено правото да ги спонзорира нејзините родители, Виктор и Амалија Кнаус, кои сега живеат во Америка и се во процес на аплицирање за државјанство.

Многу луѓе ги мачи како г-ѓа Трамп ја добила својата виза за ЕБ-1 во време кога нејзиниот сопруг се бори против имигрантите и се обидува да го укине правото на граѓаните да ги спонзорираат членовите на семејството. Исто така, покренати се прашања за нејзината соодветност за категоријата „извонредна способност“.

Но, всушност, колку е тешко да се добие ЕБ-1 и дали таа требало да земе виза?

Г-ѓа Трамп пристигнала во Америка во 1996 година, прво со туристичка виза, а потоа и со низа работни визи за квалификувани имигранти, според нејзиниот адвокат. Таа работела како модел во Њујорк кога го запознала Трамп на забава во 1998 година, врска што значително го зголемила нејзиниот профил на позната личност. Пред да аплицира за зелена карта, која овозможува постојан престој, таа работела како модел во Европа и имала ограничено присуство во британски и американски списанија. Се појавила на насловната страница на британскиот „GQ“, на крзнен килим во приватниот авион на Трамп и во костим за капење во „Спортс илустрејтед“ во Америка, меѓутоа, не била врвен меѓународен модел.

За да се добие ЕБ-1 за извонредна способност, имигрантот мора да обезбеди доказ за поголема награда и да исполнува 3 од 10 критериуми за докажување на извонредноста во својата област. Критериумите вклучуваат публикации, оригинални и значајни придонеси на одредено поле и работа прикажана на уметнички изложби.

Владините упатства за апликантите ги наведуваат Нобеловите награди и меѓународните признанија, но реалноста е често поинаква, вели Сузан Мекфаден, специјалист за виза од адвокатската фирма „Гудеон и Макфаден“ во Лондон.

„Не мора да бидете добитник на Нобелова награда за да добиете виза за извонредна способност. Добив ЕБ-1 виза за луѓе за кои никогаш не сте слушнале и никогаш нема да слушнете“, вели таа.

„Искусен адвокат знае што се бара за американско државјанство и како да се извлечат активности од минатото на клиентот што би биле атрактивни за агенцијата“, вели таа.

Обезбедувањето на ЕБ-1 често се однесува на дефинирање одредено поле, вели Мекфаден, со надеж дека ќе покаже дека клиентот е извонреден во таа област. Таа додава дека обезбедила ЕБ-1 визи за различни специјалности, од обука на одредена фудбалска позиција до научен балон. Трикот бил во дефинирањето на полето доволно тесно за човек да биде брилијантен во него, но не премногу тесно за миграционите власти да го сфатат сериозно.

Каде тоа ја става г-ѓа Трамп? Се чини дека таа не била извонредна како модел, ниту освоила награда, ниту напишала значајна публикација.

Нејзините адвокати одбиваат да објават детали за нејзината апликација, така што не се знае какви докази доставила. „Веројатно има силни препораки од висок профил“, вели Нита Упадје, специјалист за имиграција на Америка.

„Ако сте во светот на глумата, а Квентин Тарантино или Стивен Спилберг напишал писмо за вас во кое вели дека сте најдобри на тоа поле, тоа може да биде доста убедливо“, вели Нита.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот