X
 18.02.2026 Живот

Прва видеоконференција на стогодишници во Шпанија - се вклучиле 17 жени

Во Шпанија е одржана првата видеоконференција што обедини стогодишници, во организација на стартап-компанијата „Максимилијана“.

Дигиталната средба обединила 17 стогодишни жени кои претставувале по една од автономните заедници во земјата.

Најмладата членка на групата, Марија Пакита, има 100 години и е од Каталонија, додека најстара била сестра Росарио од Кантабрија, која со нејзините 111 години е третата најстара личност во Шпанија.

Претставничката на Мадрид, Пепита, која неодамна го прославила својот 105. роденден, била и првата што доброволно се пријавила за ова виртуелно искуство.

Тие споделиле низа спомени, радосни, но и тажни моменти од животот и зборувале за своите семејства и за сегашните искуства.

Оваа необична видеоконференција ја овозможила стартап-компанијата од Арагон, основана од Хорхе Тереу, кој ја именувал „Максимилијана“ по својата баба.

Уредот е дизајниран така што луѓе како овие 17 жени, учеснички во првиот видеоповик меѓу стогодишници, можат да комуницираат без компликации.

Целта на младиот претприемач била едноставно да покаже дека никогаш не е доцна за поврзување и дека технологијата треба да биде мост, а не пречка, особено за оние на кои најмногу им е потребно да се чувствуваат блиски со своите најмили.

Главната карактеристика е што уредот е целосно приспособен на потребите на постарите лица, овозможувајќи им на членовите на семејството далечинско управување преку контролна апликација.

Секое приспособување може да се изврши директно од телефонот на негувателот, без постарото лице да мора да се вклучува во сложени технички процеси.

Една од најиновативните функции што ја овозможи оваа видеоконференција е автоматскиот видеоповик, при кој постарото лице не треба да преземе никаква акција за да се воспостави комуникација.

Уредот бил создаден во 2020 година од личната потреба на Тереу да разговара со својата баба и досега го намалил дигиталниот јаз кај повеќе од 4.000 корисници низ Шпанија.

Извор: Euronews.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот