X
 30.04.2022 Здравје

Скриени знаци дека се соочувате со прегорување од работа

Многу луѓе мислат дека прегорувањето е исто што и уморот, но авторката Керолин Дунер, која има напишано книга за прегорувањето, објаснува дека двете состојби се различни. Прегорувањето е поштетно од чувството на умор. Станува збор за постојана состојба на висок стрес која ги става вашиот ум и тело во режим за преживување.

Долгорочните ефекти на хроничниот стрес може да доведат до срцеви болести, главоболки, проблеми со спиењето и варењето и друго. Тој доведува и до проблеми со менталното здравје, како депресија или анксиозност. Дунер посочува неколку знаци кои може да покажуваат дека се соочувате со прегорување.

Одложување на обврските

Кога имаме премногу обврски, нашиот мозок може да ги одбегне во обид да ги организира мислите наместо да се фокусира на работата. Дунер предлага да се фокусирате на обврските што се основни, а да ги одложите оние што ги правите само затоа што некој друг ги очекува или затоа што сте навикнати да ги правите.


Фото: Pixabay

Изолирање

За некои луѓе, потребата од одмор се манифестира како желба да се биде сам. Прескокнувањето на дружењето со другите и игнорирањето на пријателите се некои начини на кои вашиот мозок се обидува да се одмори. Според Дунер, треба да си дозволите да кажете „не“ на некои работи доколку ви треба одмор. Ослободете време за работи што навистина сакате да ги правите и гледајте се со луѓето што ве прават среќни.

Негативно размислување

Споредувањето е крадец на среќата. Денес е лесно да се споредуваме со другите и да се чувствуваме неуспешни. Ова може да доведе до негативни мисли, особено доколку сте преморени од работата и обврските. Но, доколку си дозволите вечер само за себе, а притоа се чувствувате виновни затоа што не сте излегле со другите, тоа не е одмор. Затоа треба да го смените начинот на размислување за да се фокусирате на себеси и на она што навистина е важно.

Често разболување

Еден голем знак дека вашите тело и ум се преморени е честото разболување. Сите здравствени состојби не се поврзани со уморот, па доколку сте болни подолго време или имате потешки симптоми, посетете лекар.

Извор: Indy100
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје