Демократска Република Конго се врати на Светското првенство по пауза од цели 52 години, а со репрезентацијата повторно во фокусот на светската јавност се најде и нејзиниот најпознат навивач - човекот кој за време на натпреварите стои неподвижно, како статуа.
Неговото име е Лумумба Веа, иако вистинското име му е Мишел Нкука Мболадинга. Фудбалската јавност го запозна во последните години на натпреварите на ДР Конго, а посебно внимание привлече за време на Африканскиот куп на нации, кога снимките од неговото необично навивање станаа вирални на социјалните мрежи.
Додека навивачите на трибините скокаат, пеат и веат знамиња, Веа стои исправено со подигнати раце, целосно мирен. Вниманието не го привлекува само поради тоа што не се движи, туку и поради својот изглед. Облечен е и стилизиран како Патрис Лумумба, првиот премиер на ДР Конго и еден од клучните луѓе во борбата за независност од Белгија во 1960 година.
Лумумба е национален херој во Конго. Тој беше убиен во 1961 година, само една година по стекнувањето на независноста, а неговото име и денес има силно симболично значење. Затоа, присуството на Мболадинга на трибините не е само навивачки перформанс, туку и потсетник на историјата и националниот идентитет.
ДР Конго, која во 1974 година настапи на Светското првенство под името Заир, годинава обезбеди пласман на Мундијалот преку интерконтиненталниот бараж во Мексико. Тогаш ја совлада Јамајка, но Мболадинга не можеше да присуствува на натпреварот бидејќи му беше одбиена визата за влез во Мексико.
По пласманот на Светското првенство, властите на ДР Конго се вклучија за нивниот најпознат навивач да може да патува со репрезентацијата. Според американските медиуми, случајот стигнал и до претседателот Феликс Чисекеди, по што Мболадинга бил вклучен во официјалната делегација на тимот.
Сепак, тој не можеше да биде на трибините за првиот натпревар против Португалија, бидејќи, според медиумските извештаи, морал да остане во карантин поради појавата на ебола во ДР Конго. Се очекува да им се придружи на репрезентацијата и навивачите во продолжението од групната фаза.
За ДР Конго, враќањето на Светското првенство е голем спортски настан. За Лумумба Веа, човекот кој стои како статуа, тоа е можност да му покаже на светот дека фудбалот понекогаш не е само игра, туку и простор за сеќавање, идентитет и национална гордост.
Извор:
6yka.com
Фото:
Facebook