X
 18.07.2019 Наука

Тенок слој на аерогел може да овозможи земјоделство на Марс

Научниците мислат дека пронашле начин да го трансформираат Марс и сè што е потребно е само тенка изолациска прекривка врз идните вселенски грaдини.

Слој на аерогел дебел само два до три сантиметри може да биде доволен за да ги заштити растенијата од најсуровите аспекти од животот на Марс и да создаде остварливи стаклени градини во процесот, покажува најново истражување објавено во списанието „Нејчр астрономи“. Иако има многу други проблеми за решавање пред некој да може да го насели Марс, овој план за трансформација е многу поизводлив од другите идеи што ги предлагаа научниците.

Двата најголеми предизвици со кои би се соочиле оние што би сакале да го населат Марс се смртоносните температури на Црвената Планета и нефилтрираната соларна радијација, која може да помине преку слабата атмосфера на Марс и да стаса до површината. Навечер може да достигне -100 Целзиусови степени, што е премногу студено за некој плод од Земјата да преживее.

Тим научници од „Харвард“, Калифорнискиот технолошки институт и Универзитетот од Единбург во лабораторија создале услови исти како оние на Марс за да ги тестираат нивните стаклени градини од аерогел. Лесниот материјал претежно е само воздух, па сончевата светлина лесно минува низ него за да стаса до растенијата.

Сепак, слојот од аерогел филтрирал повеќе од 60 отсто од штетната ултравиолетова радијација, која досега до Марс и повеќе од 99,5 отсто од особено опасната ултравиолетова Ц радијација.

Преку ефектот на стаклена градина аерогелот исто така ја зголемил температурата на Земјата за 50 степени. Тоа може да е доволно за да го стопи мразот под површината и да почне локализирана верзија на циклусот на водата.

Научниците имаат уште многу работа пред да можеме да го трансформираме Марс, но барем овие стаклени градини се концептуално изводливи.

Има и други планови како да се трансформира Марс, како оној на Илон Маск за фрлање нуклеарни бомби како средство за обезбедување доволно јаглероден диоксид за да се поддржи атмосфера.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука