X
 18.07.2020 Живот

Британците сакаат на Малдивите, Шпанците во Италија. Каде планираат да патуваат луѓето во 2021 година?

Животот драматично се промени во изминатите неколку месеци. Голем дел од познатите аспекти на животот што претходно ги земавме здраво за готово сега се прекинати. Еден голем пример е патувањето и слободата да се движиме на меѓународно ниво, без оглед дали тоа е за работа или за задоволство.

Природно, луѓето од целиот свет едвај го чекаат моментот кога ќе можат слободно да се качат во авион. Но, кои се најпопуларните места што луѓето планираат да ги посетат?

Едно ново истражување ги открива резултатите.

Користејќи ги податоците од „Гугл“, истражувањето спроведено од туристичката компанија „Куони“ ги мапира најбараните и најпопуларните дестинации за одмор во 2021 година за 131 земја низ светот. Истражувањето покажа јасна побарувачка за патување во иднина, при што „Гугл трендс“ покажува дека пребарувањата на термини како „2021 holiday“ се зголемиле за 124 отсто во споредба со крајот на март. Земја по земја, мапата подолу открива на која дестинација се фокусирани 131 земја во светот.

Гледајќи ги глобалните податоци, резултатите покажуваат дека Обединетите Арапски Емирати се најпопуларната дестинација во целина за 2021 година, а веднаш зад ОАЕ се Катар, Канада и САД, кои го делат второто место, додека Египет се најде на третото место. Малдивите се врвна дестинација за одмор за Европејците, додека Азијците најмногу ги пребарувале ОАЕ и Канада.

mapa
Kликнете на мапата за да ја зголемите резолуцијата/Фото: Kuoni

ОАЕ исто така е број еден пребаруван термин во Африка, додека Перу е најпопуларна дестинација за 2021 година меѓу Јужноамериканците.

Најпопуларните пребарувања за дестинации за одмор за 2021 година меѓу Британците се Малдивите, Мексико и Бали, додека Американците и Канаѓаните сакаат да ја посетат Јапонија. Мапата покажа дека Русите се надеваат дека ќе одат во Мексико, додека Австралијците се фокусирани на Фиџи.

- Со различните фази на рестриктивни мерки на земјите низ светот, не изненадува тоа што многумина од нас сакаат да резервираат нешто што едвај чекаат да го видат. Фасцинантно е да се види како популарните дестинации се разликуваат од земја до земја, а пребарувањето на „Гугл“ одговара со напливот на резервации во 2021 година што го имаше во последните неколку недели - вели Дин Харви од „Куони“.

Меѓу 131 земја опфатени во истражувањето не се најде Македонија, меѓутоа, се најдоа повеќето балкански земји. Така, Србите сакаат да го посетат Бали, Бугарите - Малдивите, Словенците најмногу го пребарувале Египет, а Хрватите - Австрија.

Извор: Lonely Planet
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот