X
 18.08.2025 Живот

Во ова севернокорејско одморалиште се дозволени само рецензии од пет ѕвезди

Првите руски посетители на новоизградениот туристички град во Северна Кореја го опишале како „прекрасен“ и „на европско ниво“.

Тоа, сепак, не е изненадување, бидејќи пред патувањето во Вонсан-Калма, туристите биле јасно предупредени дека секој негативен коментар би можел да ја загрози алијансата меѓу Русија и Северна Кореја.

52-годишната Наталија Фишер и 22-годишната Дарија Полишчук пристигнале во Северна Кореја на крајот на јули преку организирано туристичко патување, само неколку недели по официјалното отворање на одморалиштето.

За време на нивниот престој водичите им порачале да внимаваат што ќе кажат по враќањето дома, предупредувајќи дека секоја пријателска врска може да се прекине со неколку непријатни, несоодветни зборови.

Северна Кореја ја зацврсти својата алијанса со Русија, испраќајќи војници и оружје на украинскиот фронт како поддршка на Владимир Путин.

Сега земјата ги отвора вратите за руски туристи, нудејќи им можност да го посетат огромното одморалиште кое се протега речиси пет километри по должината на плажата во Вонсан. Комплексот вклучува хотели-висококатници, аква-парк и сместувачки капацитет за 20.000 гости.

Идејата за ова одморалиште произлегла од шпанската туристичка дестинација Бенидорм, откако Ким испратил делегација на истражувачка мисија во шпанската Коста Бланка.

- Да ми покажеше некој фотографија, никогаш немаше да помислам дека тоа е Северна Кореја. Визуелно, мислам дека може да се натпреварува со многу европски одморалишта - вели Полишчук.

- Локалците изгледаа многу среќно. Ни се насмевнуваа, ни мавтаа, нè снимаа, нè поздравуваа и генерално атмосферата кон туристите беше многу позитивна - додава Фишер.

Новинарка од руското списание „Комерасант“, која во јули патувала во Вонсан заедно со министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, изразила сомнеж дали дел од гостите навистина биле севернокорејски туристи, велејќи дека совршено разбирале и зборувале руски.

Таа забележала дека улиците биле празни, а истата двојка постојано играла билијард во текот на денот.

- Други мораа да глумат туристи под жешкото сонце. Еден човек пушеше цигара по цигара, друг возеше велосипед напред-назад по кејот, а трет седеше со чаша пиво која остануваше полна - пишува таа.

Од ракетен полигон до туристичка зона

Вонсан, кој се наоѓа на источниот брег на Северна Кореја, порано бил место за тестирање ракети и омилено одморалиште за владејачката елита.

Ким има раскошен комплекс од вили во градот, кој се смета за негов омилен имот меѓу повеќе од десетина резиденции. Во моментот, сите странски туристи, освен Русите, имаат забрана за посета на туристичката зона Вонсан-Калма.

 

Иако одморалиштето има цел да прими еден милион посетители годишно, Полишчук изјавила дека за време на нејзиниот престој имало само околу 50 други туристи.

Луксуз за туристите, недостижен за локалците

Нивниот аранжман вклучувал престој во луксузни хотели во Вонсан, Пјонгјанг и планината Мјохјанг, како и посета на Музејот на победничката војна, спомениците на лидерите и Меѓународната изложба на пријателство.

Тие уживале во раскошни бифеа со паштета од џигер од гуска, пржено сирење, помфрит и локални специјалитети - оброци кои се недостижни за просечниот Севернокорејец, чии месечни приходи се под 10 долари. За споредба, седумдневен пакет од Русија чини околу 1.500 фунти.

Полишчук раскажува дека водичите се труделе да им удоволат на рускиот вкус, иако понекогаш недоразбирањата биле очигледни.

- Очигледно им кажале дека Русите сакаат црн леб, но не сфаќаат што точно е тоа. Зедоа леб, му додадоа активен јаглен и добија леб кој буквално беше црн - раскажува таа.

Туристите морале постојано да бидат придружувани од водичи надвор од хотелските соби, немале дозвола да разговараат со локалците и морале да плаќаат за ограничен пристап до интернет.

Сепак, биле пречекани како славни личности. Локалците им мавтале, ги фотографирале и викале: „Русија, Русија!“

- Тие нè сметаат за вистински братска нација. Дури и водичите ни рекоа дека имаме одличен однос со Русија, но дека она што ќе го пренесеме меѓу луѓето, она што ќе го кажеме за нив, од тоа зависи нашето пријателство - вели Фишер.

Полишчук додала дека земјата ја потсетила на Советскиот Сојуз.

- Навистина наликува на СССР. Треба да се разбере дека во Кореја сè уште постои култ на личност. Пред сите статуи и портрети на лидерите, локалците се поклонуваат со голема почит - вели таа.

Строги правила и дипломатски врски

Групата добила инструкции дека при секоја фотографија со портрет или споменик на лидер, ликот на Ким мора да биде целосно видлив. Ако било кој дел бил отсечен, фотографијата морала да се избрише.

На летот од Владивосток до Пјонгјанг, семејството на Полишчук налутило стјуардеси откако по грешка пополнило формулар врз корејско списание.

- Бидејќи списанието беше 70 отсто исполнето со фотографии од лидерите, декларацијата ја прекри едната фотографија, па стјуардесите сериозно се вознемирија - вели таа.

Директните летови од Москва до Пјонгјанг започнаа на крајот на јули, со цел зајакнување на економските и воените врски меѓу Русија и Северна Кореја.

Северна Кореја е еден од најблиските воени сојузници на Русија од почетокот на целосната инвазија на Украина, со потпишан договор за меѓусебна одбрана во 2024 година, кој обврзува двете страни да си помагаат во случај на вооружен напад.

Во април, Москва и Пјонгјанг за првпат потврдија дека Северна Кореја испратила илјадници војници да се борат за Русија во Украина.

На средбата во јули меѓу Лавров и Ким, севернокорејскиот лидер ја потврдил својата подготвеност безусловно да ги поддржи и охрабри сите мерки што Русија ќе ги преземе во Украина.

Извор: Yahoo.com
Фото: Facebook
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот