X
 18.09.2025 Живот

Шимпанзата дневно консумираат алкохол колку едно пиво од 330 мл

Ново истражување открива дека дивите шимпанза дневно консумираат количина алкохол еквивалентна на 330 мл пиво преку јадење зрело ферментирано овошје, велат научниците.

Тие велат дека ова е доказ дека луѓето можеби го стекнале вкусот за алкохол од заеднички приматски предци кои се хранеле со ферментирано овошје кое е извор на шеќер и алкохол.

- Привлечноста на луѓето кон алкохолот веројатно произлегува од оваа исхрана наследена од нашиот заеднички предок со шимпанзата - вели истражувачот Алексеи Маро од Универзитетот во Калифорнија, Беркли.

Забележано е дека шимпанзата, како и многу други животни, често се хранат со зрело овошје што лежи на подот од шумата, но ова е прво истражување што ја покажува количината на алкохол што тие можат да ја консумираат.

Истражувачкиот тим ја измерил количината на етанол, односно чист алкохол, во смокви и сливи кои шимпанзата ги јадат во големи количини.

Според количината на овошје што обично ја консумираат, шимпанзата внесуваат околу 14 грама етанол, што е еквивалент на пиво од 330 мл.

Овошјето што најчесто се јаде е оној вид со највисока содржина на алкохол.

Нашата врска со алкохолот е дел од нашето еволуциско минато

Истражувањето ја потврдува таканаречената „пијана мајмунска“ хипотеза, односно идејата дека човечката желба за алкохол е наследена од нашите предци.

Оваа идеја првпат ја предложил професор Роберт Дадли од Универзитетот во Калифорнија, Беркли, кој е дел од истражувањето.

Иако научниците првично беа скептични, во последниве години се појавија голем број набљудувања на „пијани мајмуни“, вели професорката Кетрин Хобајтер, приматолог од Универзитетот во Сент Ендрус, која не беше дел од тимот.

- Овој труд ни покажува дека нашата врска со алкохолот е дел од нашето еволуциско минато, веројатно пред околу 30 милиони години. За шимпанзата, можеби ова е одличен начин за создавање социјални врски и дружба - вели таа.

Според Меѓународниот сојуз за зачувување на природата, шимпанзата се загрозен вид, а најголеми закани се губење на шумските живеалишта поради земјоделство, сечење на дрвјата и изградба на патишта или населби.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот