X
 30.10.2019 Наука

Научниците сметаат дека загадувањето на воздухот поттикнува криминал

Високото ниво на загадување на воздухот може да го доведе животот во опасност на повеќе начини.

Веќе е добро познато дека предизвикува повеќе смртни случаи отколку пушењето. Но, сега тим од Државниот универзитет во Колорадо откри дека честичките и озонот играат клучна улога во зголемувањето на агресивното и насилното однесување. Тие велат дека ефектите се полоши кога температурите се ниски.

Споредувајќи ја статистиката на криминалот на Федералното биро за истраги (ФБИ) со осумгодишно истражување на квалитетот на воздухот во САД, тимот открил врска помеѓу концентрацијата на загадувачи и преваленцијата на прекршоците, како што е насилен напад и малтретирање.

Било откриено дека зголемувањето на дневната изложеност на честички од 10 микрограми на кубен метар се поврзува со пораст од 1,4 отсто на насилни злосторства. Исто така, тимот открил дека зголемувањето на изложеноста на озон било поврзано со пораст од 1,15 отсто во нападите.


криминал
Фото: Reuters


Минатата година истражувачите од Лондонската школа за економија посочија дека врската меѓу загадувањето на воздухот и криминалот може да се должи на зголемувањето на хормонот на стрес кортизол, кој може да се појави кај луѓе изложени на повисоки нивоа на загадување.

Меѓународните стандарди за квалитет ја категоризираат оцената за Индекс за квалитет на воздухот (AQI) помала од 50 како „добра“. Но, тимот на Лондонската школа за економија открил дека резултатот од „AQI“ над 35 доведува до 2,8 отсто повеќе кривични дела.

- Ефектот на загадувањето на воздухот врз криминалот се јавува на нивоа што се далеку под сегашните регулаторни стандарди во Велика Британија и САД, што сугерира дека би било корисно да се намалат овие постојни упатства - рече д-р Сефи Рот, коавтор на истражувањето.

Друго истражување објавено минатата година откри врска помеѓу загадувањето на воздухот и неетичкото однесување.

- Загадувањето на воздухот не само што го нарушува здравјето на луѓето туку исто така може да го загади и нивниот морал - се вели во извештајот.

Загадувањето на воздухот може да биде особено штетно за адолесцентите, според истражувањето на тимот на Универзитетот во Јужна Калифорнија, кој утврди врска помеѓу агресивното и антисоцијалното однесување кај тинејџерите и високото ниво на честички во атмосферата.

Во Шангај, истражувачите од Универзитетот „Фудан“ воспоставиле врска помеѓу високото ниво на загадување на воздухот и менталното здравје. Користејќи ги податоците од здравственото осигурување, тие покажале дека приемот во болницата за ментални нарушувања се зголемил во согласност со зголемувањето на загадувањето од сулфур диоксид.

Докази за позитивните придобивки од намалувањето на загадувањето на воздухот биле обезбедени пред повеќе од една деценија од истражувања што покажале дека отстранувањето на олово од бензинот во САД било одговорно за пад од 56 отсто на стапката на насилен криминал.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука