Германската влада одобри нов нацрт-закон со кој се настојува да се реши растечкиот недостиг од работна сила во земјата преку поттикнување на граѓаните да продолжат да работат и по пензионирањето.
Според предложената регулатива, усвоена од владата, пензионерите ќе можат да заработуваат до 2.000 евра месечно без да плаќаат данок. Иницијативата треба да стапи во сила на почетокот на 2026 година.
- Поставуваме нови поттикнувања за економски раст во Германија. За ова, на бизнисите особено им се потребни постари и искусни работници и квалификувани професионалци - вели Ларс Клингајл, министер за финансии.
Според податоците на германското Министерство за внатрешни работи, работоспособното население на Германија се очекува да се намали за 6,3 милиони луѓе во периодот од 2010 до 2030 година - тренд кој ќе го намали бруто-домашниот производ по глава на жител поради помалиот однос меѓу работниците и пензионерите.
- Нашите компании веќе очајно бараат квалификувани работници, а демографските трендови дополнително ќе го влошат недостигот - изјави министерката за економија Катарина Рајхе, додавајќи дека бројот на лица во работоспособна возраст се намалува за околу 400.000 годишно.
Право на новата мерка ќе имаат вработените кои се предмет на задолжително социјално осигурување и кои ја поминале стандардната возраст за пензионирање од 67 години. Со постојната обврска да плаќаат социјални придонеси ќе има придобивки и за социјалниот систем, истакна Министерството за финансии.
Германските мерки за охрабрување на подоцнежно пензионирање доаѓаат во момент кога и други европски влади се насочуваат кон пензиски реформи, во обид да го ублажат недостигот на работна сила и да го намалат притисокот врз пензиските системи.
Извор:
Independent.co.uk
Фото: Freepik