X
 18.11.2025 Живот

Главоболките погодуваат речиси една третина од луѓето низ светот

Дали имате редовни главоболки-мигрени? Ако е така, не сте сами.

Речиси секој 3. човек во светот страда од главоболка, што влијае врз речиси 3 милијарди луѓе на глобално ниво, според научниците.

Овој податок е особено лош за жените, кои доживуваат двојно повеќе здравствени проблеми поврзани со главоболка во текот на животот отколку мажите, откриле истражувачите.

- Жените доживуваат значително повисоки нивоа на инвалидитет (немоќност) поврзан со главоболка бидејќи имаат главоболки почесто и подолго време од мажите. Препознавањето на ова е од суштинско значење за подобрување на начинот на кој ги спречуваме и управуваме со главоболките низ целиот свет - изјавила Ивон Сју, истражувачка на Институтот за здравствени метрики и евалуација при Универзитетот во Вашингтон.

За студијата, истражувачите анализирале податоци за речиси 42.000 луѓе од 18 земји за да создадат процена на глобалниот здравствен товар предизвикан од главоболки во 2023 година. Резултатите покажале дека главоболките се рангирани на шесто место меѓу сите причини за инвалидитет, со стапка од 542 години преживеани со таква немоќност на секои 100.000 луѓе. Оваа статистика го опфаќа вкупното време што луѓето го поминуваат живеејќи со здравствени проблеми што ги ограничуваат нивните секојдневни активности и благосостојба.


Товарот на инвалидитет од главоболки бил повеќе од двојно поголем кај жените - 740 години поминати со инвалидитет на 100.000 жени, во споредба со 364 на 100.000 мажи, се вели во студијата.

Во секоја возрасна група жените постојано поминувале повеќе време справувајќи се со главоболки отколку мажите, откриле истражувачите.

Студијата вели дека луѓето ги влошуваат овие главоболки со користење премногу лекови против болки, што може да предизвика главоболки од прекумерна употреба на лекови. Прекумерната употреба на лекови учествувала со речиси 23 % од годините со попреченост кај мажите што страдаат од мигрена и 14 % кај жените со мигрена, откриле истражувачите.

 

- Нашите резултати покажуваат дека голем дел од глобалниот товар поради главоболки може да се спречи. Интегрирањето на услугите за главоболка во примарната здравствена заштита, особено во земјите со ниски и средни приходи каде што ефикасните третмани остануваат оскудни, би можело да ја намали изгубената продуктивност и да го подобри квалитетот на живот за стотици милиони луѓе - изјавил водечкиот истражувач Андреас Катем Хусеј од Норвешкиот универзитет за наука и технологија.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот