X
 18.12.2020 Здравје

Матичните лекари ќе може да издаваат лабораториски упати за Д-димери за заболени од Ковид-19

Отворање или продолжување на боледување на заболен од Ковид-19, матичните лекари и комисиите при Фондот за здравствено осигурување ќе можат да направат само со приложен позитивен ПЦР-тест без присуство на заболениот, а нема да има потреба да се доставува и специјалистички извештај.

Ова се дел од дополнувањата на упатствата од Фондот за здравствено осигурување за активностите поврзани со Ковид-19, кои се направени на барање на Лекарската комора.

Со овие дополнувања, на пациентите заболени од Ковид-19 што се на домашно лекување матичните лекари ќе можат да им издадат лабораториски упат за биохемиски испитувања на Д-димери и ЦРП, за кои досега прво требаше да ги упатат на специјалист. Овие измени се направени за да можат избраните лекари подобро да ја следат состојбата на заболените од Ковид-19 што се лекуваат во домашни услови.
Граѓаните со потврдена инфекција на коронавирусот кои се на домашно лекување и кои по препорака од специјалист треба да земаат терапија со лековите еноксапарин или надропарин, а кои не се во можност да одат кај матичниот лекар за да ги примат овие инјекции, ќе можат да го прават тоа сами во домашни услови по претходни инструкции и упатства од матичниот лекар.

И во овој случај матичниот лекар издава потврда за апликација на лековите, која е потребна за да можат луѓето да побараат од Фондот надомест на парите со кои го купиле лекот.




За продолжување на хроничната терапија до крајот на оваа година, граѓаните нема да треба да одат на специјалист доколку последниот специјалистички извештај или отпусно писмо не е постаро од јуни 2019, а од следната година хронична терапија ќе може да подигнат со специјалистички извештај не постар од септември 2019 година.

Боледување до 10 дена матичниот лекар може да им издаде на пациенти што се позитивни на корона-вирусот и немаат симптоми, или имаат лесна клиничка слика на Ковид-19. Боледување до 20 дена матичниот лекар ќе може да му издаде на заболен од Ковид-19 кој има симптоми и е на домашно лекување по претходно мислење од лекарска комисија. Боледувањето над овие 20 дена се продолжува додека не поминат три последователни дена без симптоми. Потврда дека граѓанинот оздравел издава епидемиолог од Центарот за јавно здравје, и таа ја доставува до матичниот лекар.

На оние граѓани што се во изолација поради контакт со заболен од Ковид-19, а кај кои не е утврдена инфекција, не им следува боледување, но остануваат во изолација според решението од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Во дополнувањата останува забраната здравствените работници да користат годишни одмори, платени и неплатени отсуства, а се прекинува и специјализацијата на сите државни специјализанти вработени во Здравствен дом - Скопје и тие се враќаат на работа во своите матични установи.
Подготвил: Елица Бочваровска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје