X
 18.12.2022 Спорт

Неверојатно финале: Аргентина е новиот светски фудбалски шампион!

Аргентина и Франција одиграа неверојатно финале, па по 120 минути резултатот беше 3:3, со што мораа да изведат пенали.

Аргентинците од самиот почеток ја контролираа играта, па во 22. минута Дембеле направи прекршок врз Ди Марија во шеснаесетникот, па судијата свиреше пенал. Пеналот го изведе Меси и „гаучосите“ водеа со 1:0.

Во 32. минута Ди Марија ја доведе Аргентина во водство од 2:0.

Аргентина ја држеше под контрола играта сѐ до 80. минута кога Мбапе од пенал ја намали предноста на 2:1 по невниманието на Отаменди за во наредната 81. минута со прекрасен гол да изедначи на 2:2, резултат кој беше актуелен до крајот на регуларниот дел од натпреварот.

Во продолженијата Аргентина силно притисна и со голот на Меси во 108. минута, на голема радост на навивачите на Аргентина, „гаучосите“ водеа со 3:2.

Кога сите мислеа дека е готово и дека Аргентина ќе стане светски шампион, Монтиел играше со рака во шеснаесетникот и Франција повторно израмни со гол од пенал на Мбапе во 118. минута. До крајот, Аргентина имаше две шанси, но не успеа да постигне гол и резултатот и по продолженијата остана нерешен, 3:3.

При изведувањето на пеналите, Аргентинците беа посконцентрирани и стопроцентни во шутирањето на пеналите, додека Французите не успеаја да изведат 2 пенали. Со последниот пенал, Монтиел и покрај грешката што ја направи за изедначување на Франција, остана присебен и со прецизно изведен пенал им ја донесе титулата светски шампион на Аргентинците.

Ова е трета шампионска титула за Аргентина, на која чекаше долги 36 години.

Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Спорт