Фудбалската репрезентација на Република Зелен 'Рт, мала островска држава во Атлантскиот Океан на околу 570 километри оддалеченост од Западна Африка, денеска игра против Есвантини (поранешен Свазиленд), а очекуваната победа ќе ѝ го донесе првиот пласман на Светското првенство.
Кога и да се случи некоја мала држава да се избори за пласман на Светското првенство, тоа привлекува големо внимание и поддршка од неутралните обожаватели низ светот. На Светското првенство во 2026 година ќе имаат неколку симпатични мали држави за кои да навиваат, а првата веќе наѕира.
Зелен 'Рт денеска го играат последниот натпревар во квалификациите за Светското првенство и ја дочекуваат Есватини. Станува збор за еден од најслабите противници во цела Африка, така што пласманот на Зелен 'Рт не би требало да дојде во прашање.
Едно коло пред крајот Зелен 'Рт има два поени повеќе од второпласираниот Камерун и победата сигурно го води на Мундијалот. Дури и во случај на неуспех, многу е веројатно дека ќе оди понатаму преку споредување на најдобро второпласираните.
Инаку, станува збор за островска земја која долго време била португалска колонија, а независност стекнала во 1975 година. Никогаш немала големи фудбалски успеси, иако многу играчи од репрезентацијата со години играат во Португалија и Европа.
Државата има помалку од 500.000 жители, но сите денеска ќе го следат натпреварот и ќе навиваат за историски пласман на Светското првенство. Не треба ни да се нагласува какво лудило би следувало во градовите на оваа симпатична земја.
Натпреварот се игра на националниот стадион во градот Праја, најголем и главен град на земјата. Стадионот има капацитет за 15.000 гледачи и ќе биде мал за сите што сакаат да го проследат натпреварот.
Она што е интересно е што билети за натпреварот не се продаваат на интернет, туку на пет локации: стадионот, на три бензински пумпи и во една пекарница. Така, на интернет веќе луѓето се шегуваат дека кога ќе одат по кроасан, ќе си купат и карта за квалификациски натпревар за Светското првенство.
Истовремено, доколку второпласираниот Камерун не ја победи Ангола, овој натпревар нема да има резултатско значење и Зелен 'Рт и порано ќе се избори за пласман на Мундијалот.
Извор:
klix.ba
Фото: Freepik