X
 19.02.2022 Наука

Група средношколци водат експеримент во Меѓународната вселенска станица

Не е изненадување дека здравјето на астронаутите е многу важно, па затоа се истражуваат креативни решенија за снабдување со намирниците што им се потребни на астронаутите. Наскоро листата со намирници би можела да вклучува и јогурт направен во вселената и тоа благодарение на група средношколци.

Група средношколци од Викторија, Австралија, учествуваат во експеримент за производство на јогурт во Меѓународната вселенска станица. Учениците работеле со истражувачи од технолошкиот универзитет „Свинбурн“ за да го направат експериментот во кој ќе се истражува хранливоста на јогуртот произведен во вселената.

Според претходни истражувања на американската вселенска агенција НАСА, престојот во вселената влијае врз цревниот микробиом на астронаутите. Агенцијата истражува методи за подобрување на работата на цревата на астронаутите, а експериментот на средношколците е во истата насока.


Фото: Pixabay

Експериментот треба да покаже дали може да се користат пробиотски бактерии за правење јогурт во вселената. Во експериментот јогуртот се прави со замрзнати бактерии и млечни производи испратени во вселената. 

Во експериментот биле вклучени тимови од училишта кои поминале 11-неделен курс пред да го предложат експериментот.

Тие ги испратиле деловите од експериментот до Меѓународната вселенска станица на крајот од декември, а примероците од јогуртот биле вратени на Земјата на крајот од јануари и допрва треба да бидат анализирани за успешноста.

Извор: The conversation
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука