X
 19.02.2026 Живот

Колумна: Течен природен гас измешан со политика

Пред неколку дена во медиумите беше објавена „Заедничка изјава помеѓу САД и Република Македонија (РМ) за реципрочна трговија“ во која главно се опфатени договорени царински стапки, но беше спомената и набавка на американски течен природен гас (LNG) по завршувањето на новиот гасен интерконектор на Македонија со Грција. Веднаш да кажам дека директно снабдување со течен природен гас на Македонија нема да има, а тоа ќе биде објаснето понатаму во написов.

Во самиот термин „течен природен гас“ има противречност бидејќи некој флуид или е во течна или во гасна состојба. Покоректен би бил терминот „втечен природен гас“ иако во Речникот на македонски јазик го нема зборот втечен (и втечнува). Ќе продолжиме понатаму со терминот „течен природен гас“ со кој се подразбира природен гас во течна состојба.

Течниот природен гас (ТПГ), на англиски јазик “liquefied natural gas“ (LNG), стана многу актуелен последниве години откако се појави енергетска криза во светот, а и поради транзицијата кон „зелена“ енергија заради климатските промени. Природниот гас, всушност, е метан и тоа е фосилно гориво (не е еколошко), но се гледа како гориво за енергетска транзиција бидејќи при неговото согорување се ослободува помалку јаглерод диоксид (СО2) во споредба со јаглен и нафта и не создава локално загадување.

Не постои директен извор (добиен со дупчење) на течен природен гас, туку тој се добива со втечнување на природниот гас претходно изваден од изворот. Првин треба да се изврши прочистување од нечистотии, најчесто вода, прашина, СО2 и друго, а потоа се врши длабоко ладење на -162 °C, така што гасот кондензира, односно преоѓа во течна состојба (ТПГ). Тоа се врши во големи сложени ладилни постројки при што се троши многу електрична енергија. Во зависност од технологијата и ефикасноста на постројката, енергијата потребна за втечнување изнесува од 12 % до 15 % од енергетската содржина на произведениот течен природен гас, а при пребарување во одредена литература наидов на енергетски интензитет од 280 до 300 kWh за тон ТПГ.

Со процесот на втечнување волуменот на гасот се намалува 600 пати при стандарден атмосферски притисок. Ова овозможува транспорт на природниот гас на долги растојанија (без цевководи) во специјално конструирани бродови (танкери) или цистерни. Кога ќе стигне до својата крајна дестинација, течниот гас се растоварува во специјални резервоари, односно терминали со голем волумен. Терминалот за ТПГ е лоциран во специjaлно пристаниште за таа намена. Следна фаза е претворање на ТПГ во гасна состојба (регасификација), при што се врши загревање, а со тоа се троши енергија. Потоа се врши транспорт на гасот низ цевководни мрежи до крајните потрошувачи.

Во текот на транспортот и складирањето на ТПГ еден мал дел испарува и тој треба да се стави во посебен резервоар или повторно да се втечнува. Исто така, треба да се земе предвид дека може да се јави одредено истекување (губење) на гасот од резервоарите и затоа е потребна посебна опрема за детекција и спремност за интервенција тоа да се спречи.

Ако се земат предвид сите фази опишани погоре (гасна состојба – втечнување – транспорт - дегасификација) низ кои проаѓа природниот гас, може да се заклучи дека снабдувањето со ТПГ е доста поскапо во споредба со гасот кој од изворот се транспортира директно до потрошувачите низ гасовод (без втечнување). РМ се снабдува со природен гас само од еден гасовод кој доаѓа од Бугарија (граница кај Деве Баир), а гасот доаѓа од Русија или од друга земја од регионот.

Во 2022 година Владата на РМ (односно „Номагас АД“ Скопје) потпиша меморандуми за учество во неколку проекти со компании од Грција за изградба на: терминал за течен природен гас во Александруполи, гасна електроцентрала во тоа место и изградба на интерконекција за пренос на гас од Грција до РМ. Од наша страна учеството во тие инвестиции би изнесувало над 120 милиони евра. Мислам дека денес е активен само договор за изградбата на гасовод (интерконектор) до Грција и се очекува да биде пуштен во употреба следната година, со што ќе биде овозможено поврзување со гасовод од грчката страна. Ова ќе овозможи диверзификација на набавката со природен гас, со што се зголемува сигурноста во снабдувањето на РМ.

Но, од друга страна, цената на гасот купен од терминалот во Александруполи (складиран во течна состојба) ќе биде секогаш повисока од онаа на гасот донесен преку гасоводи од Русија, Азербејџан или од други земји од тој регион. Во план е изградба на гасен интерконектор со Србија, а од Владата изјавуваат дека Македонија ќе има бенефит од транзитот до Србија и понатаму до Европа. Но факт е дека Грција е веќе гасна крстосница и има гасовод што оди во Бугарија, Романија и понатаму во други земји. Турција е уште поголема крстосница, таа има гасоводни врски со Русија (Turkstream) и Азербејџан TANAP (Trans-Anatolian Natural Gas Pipeline). На турско-грчката граница овој гасовод продолжува во TAP (Trans Adriatic Pipeline) кој минува низ Грција, Албанија, Италија и понатаму во Европа.

Најголеми увозници на ТПГ се земјите од Западна Европа бидејќи го прекинаа снабдувањето преку гасоводите од Русија заради воведување санкции. Најголеми количини се увезуваат од САД, кои станаа најголеми производители на гас и нафта во светот по 2015 година. Случајно се погоди веднаш потоа да избие војна меѓу Украина и Русија, а малку пред тоа беше направено оштетување и прекин на гасоводите „Северен тек“ 1 и 2. Пред неколку месеци во преговорите на ЕУ со САД за царинските стапки, меѓу другото, ЕУ се обврза да купува гас и нафта од САД во вредност од 750 милијарди долари годишно. Се разбира дека гасот ќе биде во течна состојба.

До каде стигна политиката! Кога некој ќе прдне, покултурно е да се каже дека „испушта гасови“. Се шири непријатен мирис во сегашниот светски поредок.


Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет – Скопје 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот