Секоја година на 13 октомври светот го слави Меѓународниот ден на неуспехот. Иронично, сè започнало во земја со која веројатно не би го поврзале неуспехот - Финска.
На Универзитетот „Алто“ во Финска студентите одлучиле дека треба да го зголемат бројот на стартап-бизниси. Сепак, тие сметале дека стравот од неуспех е дел од нивниот менталитет, што ги спречува да бидат малку похрабри и да преземаат ризици.
Како неуспехот да е табу-тема за која никој не сака отворено да зборува - особено во земја која често се рангира на врвот на листите за успех во Европа и во светот. Финците се успешни во она што го прават, но повеќето не сакаат да излезат од својата комфор-зона и да пробаат нешто ново.
Тие решиле да ги свртат работите: не само да го прифатат неуспехот како опција, туку да почнат да го слават. Првата прослава се одржала во 2010 година и привлекла големо медиумско и јавно внимание. Нивната идеја била поддржана од одборот на директори на „Нокиа“, а подоцна им се придружиле и многу успешни луѓе и политичари.
- Многу бизнисмени што се успешни денес долго време бележеле неуспеси - истакнала Јаника Калио, една од организаторите.
Сега Финците сметаат дека неможноста да се учи од неуспехот е најголем неуспех.
Во денешно време, на Денот на неуспехот се одржуваат многу настани на кои учесниците ги раскажуваат своите приказни за неуспесите и на овој начин се обидуваат да го нормализираат како појава: не како изговор за неодговорно однесување, туку како легитимна опција што треба да се прифати, без да се дозволи тоа да стане пречка за раст и успех.
Организаторите предлагаат неколку конкретни чекори што луѓето можат да ги преземат за да го практикуваат прифаќањето на неуспехот.
Па, под хаштагот „#dayforfailure“ луѓето ги споделуваат своите примери за неуспех, се обидуваат да зготват покомплексни рецепти во кујната (дури и ако целиот ручек изгори), трошат пари за нешто што го посакуваат долго време, но не се осмелиле, ја замолуваат личноста што ја сакаат да излезе на пијалак со нив...
Ако тоа го можат фините Финци, тогаш зошто и другите не би можеле да го сторат тоа?
Извор: punkufer.dnevnik.hr
Фото: Freepik