X
 07.02.2026 Живот

Вработен заминал 3 минути порано од работа, па добил порака од шефицата што ги налути сите

Е-пошта од менаџерка која му забележала на вработен затоа што си заминал три минути порано од работа се прошири на интернет и предизвика бурна расправија. Пасивно-агресивната порака, објавена на „Редит“, за многумина стана пример за лошо лидерство.

Во пораката испратена до вработениот Рајан, менаџерката му нуди неколку опции како да ги „надомести“ трите минути: на пример, со пократка пауза за ручек или со останување неколку минути подолго друг ден.

Менаџерката, потпишана како Шерон, ја именувала е-поштата со помалку обвинувачко прашање: „Дали вчера си замина порано?“ Потоа наведува дека забележала оти Рајан си заминал во 16:57 и додава дека иако го цени неговиот труд, треба да се биде фер кон тимот кој останува до крајот на работното време.

Му предложила разликата да ја надомести така што во иднина ќе ја скрати паузата за ручек или, на пример, следниот пат ќе си замине во 17:03. Пораката ја завршила со совет тој повнимателно да го следи времето, како и со добро познатата реченица: „Ние сме тим.“

Објавата за кратко време собра илјадници коментари, а повеќето корисници го осудија потегот како застарен и контрапродуктивен. Некои го нарекоа вознемирувачки, додека други истакнаа дека станува збор за школски пример на лошо раководење.

- Ништо не ја уништува мотивацијата и не поттикнува гледање на часовник повеќе од вакво ниво на ситничавост - напиша еден корисник. Друг додаде дека ваквиот пристап е спротивен на сите прирачници за тимска работа.

Дел од корисниците толку се зачудиле, што се посомневале во автентичноста.

redit
Фото: Reddit

Совети и црн хумор

Многумина му советувале на Рајан ваквите пораки да ги чува како писмен доказ во случај на идни проблеми или отказ. Некои отишле и чекор подалеку.

- Ова е дефиниција за кошмар. Дај отказ и не жали - пишува еден интернет-корисник. Друг се пошегува дека би одговорил еднакво ситничаво и би ја потсетил шефицата на сите неплатени прекувремени часови и би најавил дека отсега ќе ги бележи прецизно за да биде сигурен дека се платени.

Се огласи и советничка за човечки ресурси


Случајот го коментирала и советничката за човечки ресурси Маргарет Гуди, која изјавила дека испраќањето ваква пошта без претходен разговор со вработениот не е добра практика.

- Менаџерката нема увид во поширокиот контекст. Не знае зошто вработениот си заминал порано, ниту дали вообичаено останува подолго или вложува дополнително време. Тоа не е квалитетно менаџирање, а ако ваквите пораки се повторуваат, може да се сметаат и за форма на вознемирување - вели таа.

Таа предупредила дека постојаното следење на минутите може да има спротивен ефект од посакуваниот.

- Таквото однесување ги обесхрабрува вработените да вложат дополнителен напор, на пример, да останат пет или десет минути подолго за да ја завршат работата - додава таа.

Според неа, Рајан треба да одговори на е-пораката и да ги објасни причините за пораното заминување, но нагласува дека здравата работна средина мора да се темели на доверба.

- Вработените најдобро функционираат кога имаат одредено ниво на автономија. Ако им верувате дека ќе ја завршат работата, тогаш е во ред понекогаш да си заминат неколку минути порано - вели Гуди.

Извор: Nova.rs 
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот